Александра Кардалевска: Вистинската трагедија не е смртта на љубовта, туку нашата подготвеност да живееме со нејзиното отсуство

На 30 октомври, на сцената на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, премиерно ќе биде изведена претставата „Четири слики на љубовта“ од швајцарскиот драматург Лукас Берфус, во режија на Александра Кардалевска. Во претставата играат Коста Ангов, Кољо Черкезов, Оливера Арозанова-Мансбарт, Јулија Милкова и Михаил Велков, а визуелниот концепт и дизајн ги потпишува Онур Озџан. Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и Швајцарската амбасада.

 Трн: „Четири слики на љубовта“ ја нарекувате хроника за смртта на љубовта и вивисекција на машко-женските односи. Што ве привлече кон ваквото читање на Берфус?

Александра: Она што ме привлече кај Берфус е парадоксот дека пишува за љубовта преку ликови кои, во суштина, се испразнети од љубов. Тие копнеат по блискост, но не знаат што да прават со неа. Сакаат да бидат сакани, но честопати не се способни вистински да го видат другиот.

Четирите слики ги доживувам како четири различни реакции на изневерата, четири обиди човекот да се справи со повреденото его, разочарувањето и стравот од напуштање. Берфус речиси хируршки ги отвора човечките односи, разоткривајќи ги нивните најнепријатни механизми.

За мене, оваа претстава е хроника за умирањето на љубовта во време што ја слави минливоста, а сè потешко ја поднесува трајноста. Живееме во култура на инстантни задоволства, во која речиси сè е достапно, потрошно и заменливо. Проблемот настанува кога истата логика почнуваме да ја применуваме и врз човечките односи.

Трн: Изневерувањето е заеднички мотив, но ликовите реагираат сосема различно. Што откриваат нивните реакции за човековата природа?

Александра: Во интимните односи многу често ја мешаме љубовта со потребата за сигурност, со стравот од губење и желбата да бидеме единствени и незаменливи. Изневерата не го повредува само чувството на љубов, туку и нашата претстава за себе.

Кај Берфус секој лик на свој начин се обидува да ја преживее таа повреда. Некои посегнуваат по контрола, други по одмазда, трети се соочуваат со сопствената немоќ. А понекогаш човекот избира да ја зачува илузијата, наместо да се соочи со вистината.

Мене ме интересираат токму тие противречности. Не сакам да им судам на ликовите, туку да ги разберам. Би сакала гледачот да препознае нешто од себе дури и во лик што претходно го осудувал. Затоа што човечките односи ретко функционираат според јасна поделба на виновници и жртви.

Трн: Дали навистина сведочиме за смртта на љубовта или можеби само за крајот на нашите илузии за неа?

Александра: Можеби љубовта не умира. Можеби умираат нашите претстави за неа. Но, она што ме вознемирува е можноста човекот да се навикне на живот без љубов, а притоа да продолжи да ја одржува нејзината надворешна форма. Да остане во врска без блискост, во брак без искреност, во заедништво без вистинска средба со другиот. Да ја избере удобноста на познатата лага наместо неизвесноста на вистината.

И можеби вистинската трагедија не е смртта на љубовта, туку нашата подготвеност да живееме со нејзиното отсуство.

Трн: Вашата постановка се потпира на психолошки експресионизам. Како овој пристап се одразува во визуелниот концепт?

Александра: Не ме интересираше реалистичната репродукција на човечките односи, туку нивниот внатрешен, често деформиран свет. Ликовите ги третирав како сликарски платна врз кои се испишуваат нивните психолошки состојби, потиснати желби и противречности. Сцената станува простор во кој невидливото добива своја физичка форма.

Во соработката со Онур Озџан, автор на визуелниот концепт и дизајн, се обидовме токму тој внатрешен свет да го преточиме во сценографски простор. Тој создаде исклучително впечатлива сценографија, во која исушеното дрво и градината опколена со бетон стануваат метафора за љубовта заробена во сопствената неможност да опстане.

Трн: Како актерите одговорија на овој специфичен режисерски пристап?

Александра: Психолошкиот експресионизам бара поинаков вид актерска дисциплина. Актерот не треба само да ја оправда психолошката мотивација на ликот, туку да ја направи видлива неговата внатрешна состојба преку телото, ритамот, гестот и погледот.

Коста Ангов, Кољо Черкезов, Оливера Арозанова-Мансбарт и Јулија Милкова одлично одговорија на овие задачи. Со голема посветеност и актерска храброст влегоа во процесот на истражување, прифаќајќи изразни средства што излегуваат надвор од рамките на конвенционалната игра.

Михаил Велков имаше сосема поинаква и особено сложена задача. Тој толкува четири различни ликови, појавувајќи се во секоја од четирите слики на љубовта. Неговите појавувања носат различни значења и симболички функции, создавајќи дополнителен драматуршки слој и специфична врска меѓу четирите светови.


Целиот ансамбл покажа исклучителна доверба во режисерскиот процес, и навистина ми е драго што во театарот „Антон Панов“ наидов на луѓе кои со толку многу ентузијазам ја работат својата работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс