Културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта го најави своето прво музичко издание под сопствена дискографска куќа – антологискиот албум „Македонија“, во изведба на унгарското дуо „Будапесме“. Албумот официјално ќе биде објавен на 15 јули и ќе биде достапен и во дигитален формат и на винил.
Изданието содржи осум изворни македонски народни песни, меѓу кои „Ајде сонце“, „Подигни си бре невесте дулачето“, „Ој, Зарино прва севдо“, „Ибраим оџа“ и „Море чичо рече“. Изборот на репертоарот го направи Златко Панзов, со цел да бидат застапени песни од различни краишта на Македонија, при што посебно внимание е посветено на зачувувањето на нивната автентичност.
Зад името „Будапесме“ стојат унгарските музичари Вероника Варга и Бенедек Рети, кои преку својата љубов кон балканската и македонската традиционална музика создадоа проект што има за цел да го доближи македонскиот мелос до светската публика.
Главен иницијатор и извршен продуцент на проектот е Златко Панзов, културен менаџер, преведувач и лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Тој го водеше целиот процес – од изборот на репертоарот до финалната реализација на винилното издание.
На албумот гостуваат и три познати имиња од македонската музичка сцена – Наум Петрески, проф. д-р Горанчо Ангелов и хармоникашот Мишел Трајковски, кои со своите изведби дополнително го збогатуваат проектот.
Аудиоматеријалот е снимен во студиото XL Момироски во Скопје, а визуелниот идентитет на изданието е внимателно осмислен за да ја долови автентичноста и богатството на македонската традиција.