„Малдивите на Европа“: Албанија станува една од најпосакуваните туристички дестинации

Албанија привлекува сѐ повеќе туристи со тиркизни плажи, планини, богато културно наследство и значително пониски цени од другите медитерански дестинации.
Фото: my_cottage/Flickr

Албанија во последните години се наметнува како една од најатрактивните туристички дестинации во јужна Европа. Земјата, која долго време беше изолирана од меѓународниот туризам, денес привлекува сѐ поголем број посетители благодарение на недопрената природа, богатото културно наследство и значително пониските цени во споредба со соседните медитерански земји.

Најголемо внимание привлекува албанската ривиера, особено летувалиштето Ксамил, кое поради белите песочни плажи и тиркизното море го носи прекарот „Малдивите на Европа“. Во близина се наоѓаат и неколку мали островчиња до кои може да се стигне со пливање, што дополнително ја зголемува привлечноста на ова место.

За оние што бараат помирен одмор, плажите Ѓипе, Дерми и Химара нудат кристално чисто море, живописни пејзажи и помалку гужви. Во близина се наоѓа и плажата Борш, најдолгата плажа во Албанија, која се протега речиси седум километри долж Јонското Море.

Освен крајбрежјето, Албанија нуди и планински туризам. Албанските Алпи, познати и како Проклетие, се омилена дестинација за љубителите на пешачењето и активниот одмор. Недопрената природа и традиционалните планински села претставуваат вистинска алтернатива на преполните туристички центри.

Богатото културно наследство е уште една причина за растечкиот интерес. Градовите Берат и Ѓирокастра, кои се на листата на светско наследство на УНЕСКО, пленат со својата автентична архитектура, додека археолошкиот локалитет Бутринт сведочи за античката историја на регионот. Посебна атракција се и илјадниците бетонски бункери од времето на Енвер Хоџа, од кои дел денес се претворени во музеи, галерии и угостителски објекти.

Туристите ја избираат Албанија и поради гостопримството, локалната медитеранска кујна и поволните цени за сместување и услуги. Комбинацијата од прекрасни плажи, планини, историја и автентична атмосфера ја прави земјата една од најбрзо растечките туристички дестинации во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс