Центарот за управување со кризи соопшти дека до утрово на територијата на државата се регистрирани вкупно 40 пожари на отворен простор, од кои шест се сè уште активни, три се ставени под контрола, а 31 се целосно изгаснати. Најдраматична била состојбата во селото Лознани, каде што огнот стигна на само 50 метри од куќите, принудувајќи ги мештаните да им се приклучат на противпожарните екипи во борбата со огнена стихија.
Според последните информации од ЦУК, пожарникарите и надлежните служби изутринава ги насочуваат сите ресурси кон шесте најкритични точки. Активни пожари има во Студеничани над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума, како и во Општина Македонски Брод, кај селото Драгов Дол, каде што е зафатена ниска вегетација и грмушки.
Во Битолско активен е пожарот кај селото Лопатица, во Општина Новаци огнот ги зафати селата Маково, Мојно и Брник, а во Општина Крушево гори деградирана дабова шума на потегот меѓу Алданци и Норово. Активно жариште има и во Велешко, во атарот на селото Слп.
Вчерашниот ден се покажа како еден од најтешките од почетокот на пожарната сезона. Најдраматичните сцени се случуваа во селото Лознани, каде што огнот брзо се ширеше и се доближи на критични 50 метри до првите објекти. Локалното население самоорганизирано и со сопствена механизација им помогна на противпожарните екипи за да се спречи катастрофа.
Пожарот во Лознани, заедно со оној кај Вашарејца, утрово конечно е ставен под контрола. Покрај оваа локација, под контрола се и депонијата во Делчево, како и пожарот кај селото Копанце во Општина Јегуновце.
Во изминатото деноноќие беа изгаснати вкупно 31 пожар на територијата на целата држава. Екипите на терен успеаја да се справат со неколку пожари во скопско, кај Сарај, Семениште и Раовиќ, како и со повеќе жаришта во прилепско, вклучувајќи ги локациите кај Варош, Беровци, фабриката „Партизанка“ и запалените железнички прагови кај Сенокос.
Изгаснати се и пожари во охридско, струшко, кичевско, кавадаречко, кумановско, гостиварско и тетовско, каде што беа зафатени сува трева, стрништа, диви депонии и земјоделски насади.