Ајкула заглави во пристаниште во Јужна Кореја, 600 илјади луѓе дојдоа да ја видат

Морското суштество заглави во тесен канал во Бусан, а откако пропаднаа обидите со водени шмркови, градот го прогласи за свој промотор.

Околу 600.000 луѓе го посетија северното пристаниште во јужнокорејскиот град Бусан за да видат ајкула долга околу 3,5 метри, која веќе две недели не успева да најде пат назад кон отвореното море. Локалните власти и крајбрежната стража организираа спасувачка акција со чамци, но откако првичниот план не успеа, животното стана неочекувана туристичка сензација.

Животното за првпат било забележано на 18 септември во тесен пловен пат во рамките на пристанишниот комплекс. Надлежните служби процениле дека ајкулата не може самостојно да исплива кон отворените води, па вчера активирале план за нејзино безбедно испраќање.

Крајбрежната стража испрати специјални пловила кои зад животното испуштаа силни водени млазови со цел да го насочат кон отворено море. Сепак, наместо да тргне напред, ајкулата се исплашила и се оддалечила од млазовите, останувајќи заробена во истиот канал.

Додека траеше неизвесноста околу нејзиното движење, крајбрежјето во Бусан се претвори во магнет за љубопитните граѓани. За време на четиридневниот национален празник Чусеок, крајбрежниот парк привлече околу 480.000 посетители.

Ова е драстичен скок во споредба со вообичаениот просек, бидејќи тој парк за време на викенд вообичаено бележи едвај по околу 2.000 гости на ден, потврдија градските власти.

Поради огромната популарност, локалците на залутаната ајкула ѝ го дадоа прекарот „Буканги“. Градските власти на Бусан вчера отидоа чекор понатаму и официјално ја прогласија за свој почесен амбасадор за односи со јавноста.

Новата акција за извлекување на Буканги од затворениот канал е закажана за задутре, кога спасувачките екипи планираат да постават специјална рибарска мрежа за безбедно да ја пренасочат кон морето, пишува локалниот весник „Chosun Daily“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс