АХВ затвори 12 локали во Гостивар по 70 контроли на вода и храна

Меѓу пропустите се 11 нерегистрирани фирми, работници без здравствени прегледи и 18 килограми уништена храна.
Фото: www.Pixel.la Free Stock Photos, CC0, via Wikimedia Commons

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 70 вонредни контроли во угостителски објекти во Гостивар и изрече 30 парични казни и 12 забрани за вршење дејност. Инспекторите откриле небезбедна храна, нерегистрирани оператори и вработени без здравствени прегледи, додека забраната за користење на водата од градскиот водовод била почитувана.

Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа 70 вонредни контроли во угостителски објекти во Гостивар. Проверките опфатија кафулиња, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници и други оператори со храна во гостиварско.

Целта беше да се утврди дали локалите ја користат водата од градскиот водовод, која останува забранета за пиење, подготовка на храна и други угостителски потреби. Во овој дел не биле пронајдени прекршувања. За миење садови, работни површини и опрема се користела пакувана вода, а храната и пијалаците се послужувале со пластични или хартиени чаши и прибор.

Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Кај 18 оператори вработените немале направено задолжителни здравствени прегледи.

Инспекторите затекнале и 11 правни лица кои воопшто не биле регистрирани во АХВ како оператори со храна. Тие добиле привремена забрана за работа сè додека не ја завршат законската регистрација.

Кај двајца оператори била пронајдена небезбедна храна пуштена во промет. Инспекторите уништиле вкупно 18 килограми виршли, слајс-салами, кисело млеко, јогурт и путер.

Вкупната вредност на изречените казни изнесува 7.750 евра. Опфатени се 30 парични казни и 12 забрани за вршење дејност. Покрај нив, инспекторите издале и опомени и решенија за отстранување на утврдените недостатоци.

АХВ повторно апелираше граѓаните и операторите строго да ја почитуваат забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод. Забраната останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна.

Во меѓувреме продолжуваат дезинфекцијата и контролираното хлорирање на водоводниот систем. Прво треба да се обезбеди технички исправна вода. Дури потоа, по нови анализи, ќе се разгледува укинување на забраната за пиење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс