Паркот „Авионче“ од денес станува сцена за пет вечери улична храна и македонска музика

Второто издание на фестивалот во Аеродром носи концерти на пет домашни бендови, сетови на десет диџеи и гастрономски натпревари.

Паркот „Авионче“ во скопската општина Аеродром од денеска, 4 септември, е домаќин на второто издание на „AERO Street Food Festival“. Во текот на следните пет вечери, сè до 8 септември, локацијата ќе функционира како отворена сцена за улична храна, забава и настапи на домашни музичари. Програмата за секоја вечер комбинира свирки во живо и диџеј-сетови, со главен фокус на македонската сцена.

Секоја фестивалска вечер ќе понуди музички блок составен од еден бенд и двајца диџеи пред и по концертните настапи.

Во живо ќе свират бендовите South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division. За диџејските сетови се задолжени Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеите од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и диџеите од Sure Shotz.

Завршната вечер во понеделник носи посебен концепт посветен на домашната поп-култура.

Бендот Acoustic Division ќе изведе специјален трибјут репертоар со песни од Владо Јаневски. Веднаш потоа, Sure Shotz ќе го заокружат фестивалот со диџеј-сет посветен на музиката на дуото ДНК.

„Како и секоја година, остануваме посветени на македонските изведувачи и домашната музика. Во текот на петте фестивалски вечери, публиката ќе ужива во богата музичка програма, врвна улична храна и бројни забавни предизвици“, вели организаторот Владимир Темелковски.

Покрај музичкиот дел, просторот во паркот нуди штандови со улична храна од локални брендови и интерактивна програма на отворено.

Секоја вечер ќе се организираат натпревари во брзо јадење храна и квизови со прашања и одговори. Овие забавни предизвици ќе ги води Бомбакис, а за најуспешните натпреварувачи се предвидени награди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс