Лидерот на француската радикална левица и претседателски кандидат на партијата Непокорена Франција, Жан-Лик Меланшон, изјави дека негова победа на претседателските избори во 2027 година би имала одек во Европа сличен на изборните порази на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и поранешниот српски претседател Александар Вучиќ. Како што пренесува парискиот весник Монд, Меланшон ова го порача во Берлин за време на промоцијата на германскиот превод на неговата книга „Направете подобро“ (Faites mieux).
Пред публиката во едно берлинско кино, францускиот политичар рече дека евентуалниот успех на неговата партија би послужил како повик за политичка мобилизација низ европскиот континент. Тој ги посочи неодамнешните смени на власта во Унгарија и во Србија како примери за пошироки европски поместувања.
Во излагањето посветено на меѓународните односи, Меланшон најави дека доколку ја освои претседателската функција напролет 2027 година, веднаш ќе започне директни разговори со Пекинг. Тој одбива Франција да учествува во царински спорови со Кина на страната на Соединетите Американски Држави.
„Немојте да се плашите, ќе имаме сојузници. Веднаш ќе започнеме разговори со страната што се смета за непријател, а тоа е Кина“, рече Меланшон пред присутните во Берлин.
Тој додаде дека за него постои само една Кина и дека за тоа прашање нема да има расправа, нагласувајќи дека Париз не сака судир со Пекинг ниту поддршка за американските трговски притисоци. Овие ставови се совпаѓаат со неговата долгогодишна заложба за политика на неврзување и воспоставување привилегирано партнерство со Кина, во период на зголемени тензии околу Тајван, остров кој има американска поддршка, а врз кој Пекинг полага право на суверенитет.
Претседателските избори во Франција се закажани во два круга, на 18 април и на 2 мај 2027 година. Актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон, ги исцрпи уставните ограничувања по два последователни мандати и нема право повторно да се кандидира.
Според тековните испитувања на јавното мислење на кои се повикува Монд, Жан-Лик Меланшон и лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен важат за главни фаворити за пласман во вториот изборен круг. Политичката сцена во Франција во пресрет на 2027 година се соочува со длабока поларизација меѓу радикалната левица и крајната десница, при што надворешнополитичката ориентација на земјата кон Вашингтон и Пекинг станува централна тема во кампањата.
