Автомобилската индустрија повторно стравува од недостиг на чипови: Цените на некои компоненти скокнале 70 отсто

Растот на индустријата за вештачка интелигенција ги пренасочува производствените капацитети кон чипови за дата-центри. Аналитичарите предупредуваат дека притисокот врз автомобилските производители може да трае и во 2028 година

Вештачката интелигенција веќе влијае врз цените и достапноста на меморијата и мобилните телефони, а сега може да создаде сериозен проблем и за автомобилската индустрија. Цените на одредени автомобилски компоненти на почетокот на 2026 година биле повисоки за дури 70 отсто во споредба со истиот период минатата година, додека експертите предупредуваат на можноста за нов недостиг на чипови.

На проблемот предупредил Матео Мартини од аналитичката компанија Mobility Global, за време на конференцијата „Transportation Technology Innovation Meetings“ во Торино. Според него, брзиот раст на индустријата за вештачка интелигенција сè посилно влијае врз достапноста на полупроводниците потребни за производство на автомобили.

Големите производители на чипови сè поголем дел од своите производствени капацитети ги насочуваат кон попрофитабилните компоненти за дата-центри за вештачка интелигенција. Тоа ја намалува достапноста на други видови чипови, особено на DRAM-меморијата, која се користи во мултимедијалните системи и напредните системи за помош на возачот.

Автомобилската индустрија веќе помина низ слична криза

Автомобилскиот сектор веќе се соочи со сличен проблем во периодот од 2020 до 2022 година. Тогаш, поради недостигот на полупроводници, фабрики ширум светот привремено го прекинуваа производството, а купувачите со месеци чекаа испорака на нови возила.

Електричните автомобили би можеле да бидат особено погодени од новиот притисок врз снабдувањето. Според податоците на Mobility Global, за нивното производство се потребни до два и пол пати повеќе полупроводници отколку за автомобилите со мотори со внатрешно согорување.

Причината се сложените електронски системи што управуваат со батеријата, електромоторот и другите функции на возилото. Во меѓувреме, аналитичарите очекуваат глобалното производство на патнички автомобили да достигне 95 милиони возила до 2029 година. Електричните модели, пак, би можеле да сочинуваат повеќе од една третина од вкупното производство до 2031 година.


Засега нема масовни прекини на производството во фабриките, но се очекува притисокот врз набавката на чипови да продолжи во текот на 2027 и 2028 година. Доколку производителите на полупроводници не ги зголемат испораките за автомобилскиот сектор, повисоките трошоци би можеле да го забават производството на нови возила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс