Агенцијата на ЕУ за дроги предупредува: Мешањето супстанции стана норма, кокаинот водечка причина за итни приеми

Повеќето посети на ургентните одделенија поврзани со дроги во 2025 година вклучувале комбинација од повеќе супстанции или мешање со алкохол, а најчеста комбинација е канабис, кокаин и алкохол.

Кај повеќето пациенти кои завршиле на ургентно одделение поради предозирање или акутна токсичност од дроги во 2025 година била регистрирана употреба на повеќе од една супстанција или мешање дроги со алкохол, покажува новата анализа на Агенцијата на Европската Унија за дроги (EUDA).

Според извештајот, речиси 14.700 лица побарале итна медицинска помош во испитаните болници во текот на минатата година, при што биле опфатени и нелегални дроги и злоупотреба на лекови на рецепт. Подеталната анализа на околу 7.400 случаи во 45 болници низ 18 земји членки на ЕУ и во Норвешка покажува дека 39 % од посетите вклучувале една дрога, 23 % дрога и алкохол, а 38 % комбинација од повеќе супстанции.

Кокаинот бил поврзан со 32 % од посетите на ургентните одделенија, по што следуваат канабисот со 24 % и амфетаминот со 11 %. Кај кетаминот, дури 72 % од пациентите кои побарале итна помош користеле и алкохол или друга дрога, а најчестата комбинација на ниво на анализата била канабис, кокаин и алкохол.

„Употребата на повеќе супстанции е повеќе норма отколку исклучок“, вели Изабел Жиродон, главен научник во EUDA за здравствените последици од употребата на дроги.

Таа нагласува дека ваквиот тренд носи сериозни ризици поради непредвидливите заемодејства меѓу различни супстанции:

„Предизвикуваат дополнителни проблеми и го зголемуваат ризикот од тешки исходи“, посочува Жиродон, додавајќи дека земањето опиоиди или GHB/GBL заедно со алкохол, бензодијазепини или други депресанти може да доведе до опасно забавување на дишењето.

Анализата покажува и дека пациентите кои земале најмалку две дроги останувале во болница во просек (медијана) седум часа, наспроти пет часа кај оние со една дрога или една дрога и алкохол. Околу 66 % од сите пациенти биле пуштени директно од ургентно одделение, но исходите се разликувале – корисниците на амфетамини или метамфетамин почесто завршувале на психијатрија, додека оние под дејство на хероин или GHB/GBL почесто биле примани на интензивна нега.

Помладата популација почесто доаѓала на ургентен поради екстази или азотен субоксид („гас за смеење“), додека средната возраст кај посетите поврзани со хероин изнесувала 38 години, а кај крек-кокаин 36 години. Мажите сочинуваат 72 % од случаите, бројот на приеми бил највисок за време на викендите, а две третини од пациентите пристигнале со возило на брза помош.

Од EUDA укажуваат дека податоците се корисни за насочување на локалните мерки, но не ја отсликуваат целосната слика.


„Овие податоци претставуваат само дел од штетите поврзани со дрогите“, предупредува Жиродон, потсетувајќи дека анализата не ги опфаќа починатите од предозирање, оние што биле згрижени на терен без болничко лекување, како ни долгорочните компликации како хепатитис Б или инфекции на местата на инјектирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс