Во пресрет на најмагичниот период од годината, Театар за тебе подготвува нова новогодишна авантура за најмладата публика – приказна исполнета со хумор, празнична магија, неочекувани пресврти и важни пораки за другарството.
Во домот на Дедо Мраз подготовките се при крај. Баба Мразица и Елфко се подготвени за највеселата ноќ во годината, а подароците наскоро треба да тргнат на своето патување до децата ширум светот. Но, плановите ќе ги наруши една сосема неочекувана гостинка!
Мина, која инсистира сите да ја викаат Минчуз, дознава дека поради своето однесување нема да добие подарок. Налутена и разочарана, решава да ја украде магичната капа на Дедо Мраз и да им го расипе празникот на сите. Следува вистинска новогодишна авантура во која се поставува прашањето: дали капата ќе биде вратена навреме и дали празничната магија ќе биде спасена?
„Дедомразовската капа!“ е приказна која ги потсетува децата дека вистинската магија не се крие само во подароците, туку и во пријателството, разбирањето и убавината на тоа да имаш вистински другар покрај себе.
Премиерата на „Дедомразовската капа“ ќе се одржи на 13 декември во Јавна Соба со почеток од 13:00 часот.
Претставата е во авторство и режија на Изабела Јакимовска а во неа играат Мина Јелушиќ Јериниќ, Милан Петровски, Марија Јанчевска и Ема Лазарева
Театар за тебе ги поканува најмладите, нивните родители и сите љубители на театарот да бидат дел од оваа новогодишна приказна во која најпосакуваниот подарок можеби е токму – другар.
