Една нуклеарна експлозија во вселената би можела за само седум дена да онеспособи речиси сите сателити во ниската Земјина орбита. Според ново истражување на американски научници, последиците не би биле предизвикани само од самата експлозија, туку и од радиоактивните честички што потоа би останале заробени во Земјиното магнетно поле.
Истражувачи од Универзитетот во Висконсин во Медисон и Универзитетот Принстон симулирале нуклеарна експлозија со сила од еден мегатон, на височина од 500 километри над јужниот дел на Атлантскиот Океан. Резултатите покажале дека создадениот вештачки радијациски појас би претставувал сериозна закана за сателитите што минуваат низ него.
Радиоактивните честички би останале заробени во магнетното поле на Земјата, изложувајќи ги сателитите на повторени високи дози зрачење. Со текот на времето, тоа би ги оштетувало нивните електронски компоненти и би предизвикало престанок на работата.
За седум дена би откажале речиси сите сателити во ниската орбита
Според компјутерската симулација, последиците би се појавиле многу брзо. Во првиот ден би биле онеспособени околу 25 отсто од сателитите, по три дена процентот би достигнал 78, а до крајот на првата недела би престанале да работат приближно 98 отсто од набљудуваните сателити.
Ниту значително подобрата заштита на електрониката не би го решила проблемот. Дури и кога научниците во моделот претпоставиле дека сателитите можат да издржат трипати повисоки дози зрачење, 97 отсто од нив би биле онеспособени во рок од две недели. Последиците особено би ги почувствувале големите сателитски мрежи во ниската орбита, како „Старлинк“, но и системите за набљудување на Земјата, временска прогноза и дел од комуникациските услуги.
Сепак, проценката за 98 отсто не се однесува на сите сателити околу Земјата. Навигациските системи, како ГПС, користат повисоки орбити и не се опфатени со истата проценка.
Сателитите би создале и нова опасност – вселенски отпад
Проблемот не би завршил со престанокот на работата на сателитите. Истражувачите проценуваат дека во следните две години би можеле да се случат околу 20 судири меѓу нефункционални сателити, при што би се создале дополнителни количества вселенски отпад. Ова би го зголемило ризикот од таканаречениот Кеслеров синдром – сценарио во кое судирите меѓу објекти во орбитата создаваат нови фрагменти, кои потоа предизвикуваат нови судири. Во најлош случај, одредени делови од орбитата би можеле да станат исклучително опасни за идните вселенски мисии.
Обновувањето на сателитската инфраструктура, според професорот Крег Андервуд од Универзитетот во Сари, не би било едноставно прашање на лансирање нови сателити. Новите уреди би морале да функционираат во средина во која сè уште има зголемено зрачење и големо количество вселенски отпад.
Тоа би можело да го продолжи опоравувањето со години и да предизвика долготрајни прекини во комуникациите и другите услуги што зависат од сателитите.
САД веќе тестирале нуклеарна експлозија во вселената
Ваквото сценарио не е целосно без историски преседан. Во 1962 година, САД го изведоа тестот „Старфиш прајм“, при кој беше активирана нуклеарна бомба со сила од околу 1,4 мегатони, на височина од приближно 400 километри. Експлозијата создаде вештачки радијациски појас и оштети неколку тогашни сателити. Но, зависноста на современото општество од вселенската инфраструктура денес е многу поголема.
Во ниската Земјина орбита има повеќе од 13.000 активни сателити, а нивната работа е важна за низа секојдневни услуги – од интернет и комуникации до следење на временските услови и набљудување на планетата. Научниците нагласуваат дека станува збор за резултати од компјутерска симулација, а не од реален експеримент. Обемот на штетата би зависел од силата и височината на експлозијата, нејзината локација и отпорноста на сателитите на зрачење.
Сепак, истражувањето укажува на сериозната ранливост на инфраструктурата од која сè повеќе зависи современиот свет.
