Светскиот ден на тоалетите, кој се одбележува на 19 ноември, потсетува дека четири од десет луѓе во светот, односно 3,4 милијарди, сè уште немаат пристап до безбеден тоалет. Темата оваа година е „Безбедни тоалети. Еднаква иднина“ и се фокусира на санитацијата и родовата еднаквост. Обединетите нации го признаа пристапот до вода и санитација како човеково право уште во 2010 година. Сепак, ова право најчесто се загрозува тивко: во ходник на студентски дом, во училишен тоалет без сапун или во населба во која канализацијата е ветување што се повторува низ неколку изборни циклуси.
За тоа како изгледа студентскиот стандард денес најмногу говорат самите студенти. Независната платформа „Студентарија“, преку проектот „Дигитален студентски глас“, собрала вкупно 717 пријави од студенти и повеќе од 1.200 гласови за потврдување на пријавените проблеми во изминатите шест месеци.

Пријавите што се однесуваат на студентските домови најчесто укажуваат на прекини во снабдувањето со струја, вода и греење, како и на инфраструктурни и санитарни проблеми. Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, според платформата, останал без струја повеќе од 30 часа во февруари и шест дена во јуни. Без струја немало ни топла вода, па и одржувањето на основната хигиена станало проблем. Гоше Николов од „Студентарија“, во разговор објавен на ТРН, кажа дека студентите пријавувале домови без топла вода, понекогаш дури и без струја, како и проблеми со глодари и инсекти. При презентирањето на резултатите, од платформата заклучиле дека „правото постои на хартија“, исто како и институциите и процедурите што треба да овозможат негово остварување.
Проблемот започнува уште во училиштата. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, лошите услови во училишните тоалети се причина поради која многу ученици избегнуваат да ги користат, што може да доведе до чести уринарни инфекции и констипација. Областа „Тоалети“ континуирано се издвојува како една од најслабите точки во пристапот до вода, хигиена и санитација во училиштата.
Извештајот за 2024 година покажува дури и пад на достапноста на основните хигиенски средства во споредба со 2023 година. Тука темата на годинашниот Светски ден на тоалетите добива многу конкретна, локална димензија. Во истражувањето „Менструална правда“ од 2021 година, 79 отсто од ученичките изјавиле дека сапунот и тоалетната хартија не им се секогаш достапни, а средношколките во просек губат 36 дена во текот на четиригодишното школување поради менструацијата. Тоалет без вода и сапун значи и изгубени часови.
Надвор од училиштата, сликата не е подобра. Само 75,5 отсто од становите се приклучени на јавна канализација, 13 отсто сè уште користат септички јами, 4,3 отсто имаат слободен истек на отпадните води, а 7,3 отсто воопшто немаат инсталација за одвод. Покрај тоа, 72,6 отсто од отпадните води се испуштаат непречистени. Септичките јами не мора сами по себе да значат загадување, но во населените места без развиена канализациска мрежа ризикот се зголемува кога отпадните води неконтролирано навлегуваат во почвата и подземните води. Тоа се истите подземни води од кои многу села се снабдуваат со вода за пиење.
Во главниот град медиумите со години пишуваат за недостигот од јавни тоалети во Скопје. Градот има само три јавни тоалети во своја надлежност. Мобилните тоалети, кои повремено се поставуваат во паркот или на кејот, отвораат прашања за договорите и трошоците, но не нудат трајно решение.
На крајот, прашањето за јавните тоалети не е само прашање на комунална хигиена, туку и на достоинство, здравје и еднаков пристап до јавниот простор. Градот не им припаѓа само на оние што можат брзо да стигнат до дома или да си дозволат да влезат во кафуле за да користат тоалет. Тој мора да биде пристапен и за децата, постарите лица, лицата со попреченост, бремените жени и сите што во текот на денот имаат потреба од основни санитарни услови. Додека јавните тоалети остануваат занемарена ставка во градските политики, потребата од нив не исчезнува – само се претвора во секојдневен проблем за граѓаните.
