Косовската полиција во Приштина уапси шест лица под сомнение дека се дел од организирана група за трговија со дрога. Меѓу уапсените е и Астрит Хараќи, поранешен косовски министер за култура, објави „Телеграф“. Од полицијата соопштија дека акцијата е резултат на долготрајна истрага. Групата имала разработена хиерархиска структура, од организаторите на врвот до уличните дилери. Претреси биле извршени на повеќе локации, при што биле уапсени шестмина осомничени, а против уште едно лице ќе биде поведена редовна кривична постапка.
На сите уапсени им е одреден притвор до 48 часа.
Пронајдени дрога и вреден имот
Во текот на операцијата биле запленети околу 1,6 килограми кокаин, чија улична вредност се проценува на 111.000 евра. Полицијата пронашла и марихуана, таблети екстази, како и други засега неидентификувани супстанции. Одземени се и шест луксузни автомобили, скапи часовници, накит, мобилни телефони, електронски уреди, опрема за надзор и околу 16.000 евра во готовина.
На локациите биле пронајдени и огнено оружје, муниција, ножеви и опрема за пакување дрога. Вкупната вредност на запленетата дрога и имот се проценува на околу 301.000 евра. Веста за апсењето на Астрит Хараќи ја потврдил неговиот адвокат, објави косовскиот медиум „Коха“.
Хараќи беше министер за култура од 2004 до 2007 година во владата на Рамуш Харадинај. Во 2012 година беше и заменик-министер за финансии во владата на Хашим Тачи.
