Израелската војска тврди дека во напад врз Газа е убиен командант на бригадата на Хамас во Рафа

Самир Махмуд Хасан Абу Јунис бил назначен на функцијата пред околу два месеца, по убиството на неговиот претходник. Нападот се случил во услови на кревко примирје во Појасот Газа.

Израелската војска денеска соопшти на социјалната мрежа Икс дека во ноќен воздушен напад врз јужниот дел на Појасот Газа е убиен Самир Махмуд Хасан Абу Јунис, командант на бригадата на Хамас во Рафа. Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), Абу Јунис бил назначен на функцијата пред околу два месеца, по убиството на неговиот претходник.

ИДФ наведува дека Абу Јунис претходно бил заменик-командант на бригадата, а раководел и со баталјонот Тел ал Султан.

Израелската војска го обвини дека учествувал во планирањето и извршувањето напади врз израелски цивили и војници, како и во активности насочени кон обновување на воените капацитети на Хамас. Според соопштението на ИДФ, Абу Јунис имал водечка улога во планирањето на нападите врз Израел од 7 октомври 2023 година.

„Терористот беше елиминиран за да се отстрани заканата што ја претставуваше“, наведоа Израелските одбранбени сили.

Припадниците на бригадите Ал Касам, вооруженото крило на Хамас, на Телеграм соопштија дека Самир Махмуд Хасан Абу Јунис учествувал во „бројни операции од висок профил“ и бил меѓу најважните команданти кои учествувале во планирањето и надгледувањето на нападите од 7 октомври 2023 година.

Абу Јунис ја презел командата со бригадата во Рафа по Наел Абу Обеид, кој беше убиен во израелски напад на 15 септември. Неговата смрт е уште една во низата загуби меѓу командантите на Хамас кои биле цел на израелските сили.

Нападот се случил во период на кревко примирје, кое стапи на сила во октомври 2025 година и ги запре големите борбени операции, но не ги прекина израелските напади во Појасот Газа. Поширокиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп и натаму е во застој поради несогласувањата околу разоружувањето на Хамас и повлекувањето на израелските сили од Газа.


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира Хамас да го предаде оружјето пред повлекувањето на израелските трупи, а го отфрла предложениот фазен пристап според кој двата процеса би се одвивале паралелно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс