По летото полно со сладоледи, скара и доцни вечери, многумина чувствуваат надуеност, тежина по оброците и нередовна столица. Тоа се чести знаци дека на варењето му е потребна пауза, а есента е идеално време за благ детокс на цревата. Тој не мора да значи сокови од целер и гладување, туку напротив, вистинскиот пристап е умерен, богат со влакна и вода.
Летните месеци се вистински тест за секое варење. Повеќе шеќер, повеќе алкохол и нередовни оброци на патувања ја менуваат рамнотежата на цревните бактерии, кои се важни и за варењето и за расположението. Кога таа рамнотежа ќе се наруши, се јавуваат надуеност, гасови и замор по јадењето, а не е случајно што цревата често се нарекуваат втор мозок.
Сето тоа не значи дека треба да се плашите од секој сладолед. Детоксот е повеќе прашање на внимание отколку на забрани. По неколку полесни дена, организмот многу подобро поднесува и посериозен оброк, како сарма или грав.
Планот за пет дена е едноставен. Денот почнете со топла вода и лимон, наместо утринско кафе испијте чај, а секој оброк засновајте го на зеленчук, интегрални житарки и мешунки. Јадете бавно и џвакајте добро, бидејќи варењето почнува уште во устата, а навечер наместо десерт изберете јогурт или кисело млеко со домашно овошје.
Најважно е да пиете доволно вода, бидејќи без неа ни најдобрите влакна не можат да си ја завршат работата. Во овие пет дена избегнувајте бел леб, пржена храна и газирани сокови. Ако огладнете меѓу оброците, посегнете по морков, краставица или шака ореви, а прошетката по ручекот му помага на варењето повеќе од кој било чај.
Пробиотиците, живите бактерии што ги населуваат цревата, се важен сојузник во ваквиот режим. Природно ги има во јогуртот, киселото млеко, кефирот и ферментираниот зеленчук, како киселата зелка, а дополнителна поддршка може да биде корисна особено по антибиотска терапија. Ако се одлучите за пробиотски додаток, земајте го според упатството и бидете доследни, бидејќи ефектот се гледа по две до три недели, а не преку ноќ.
Втората половина од приказната се влакната, кои ги хранат корисните бактерии и го враќаат ритамот на цревата. Овесните снегулки, хељдата, леќата, тиквата и јаболката со кора се одличен избор. Тие се лесно достапни и сезонски, па лесно можат да станат дел од секојдневното мени.
Кога лесноста ќе се врати, не враќајте се одеднаш на старите навики, туку воведувајте по една промена неделно. Добро е да задржите барем еден лесен ден во неделата, за варењето да остане во форма и во ноември и декември, кога не очекуваат празничните трпези. Луѓето со хронични проблеми со варењето или оние што земаат терапија треба ваквите промени да ги направат по консултација со лекар, бидејќи трајното здравје на цревата се гради со месеци, со редовни оброци и доволно сон.
