Инфлацијата во Италија скокна на 5,4 отсто, Германија единствена со пад на цените

Четирите најголеми економии во еврозоната објавија нови податоци за цените, кои покажуваат дека енергетскиот шок различно ги погодува државите. Додека во Италија и Франција инфлацијата забрзува, Германија благодарение на намалените даноци на горивата забележа пад, а Европската централна банка се соочува со сè потешка дилема.

Инфлацијата во еврозоната и во октомври остана висока, покажуваат прелиминарните податоци од четирите најголеми економии на валутниот блок. Италија е на врвот со годишен раст на цените од 5,4 отсто, по неа следуваат Шпанија со 4,9 отсто, Франција со 3,4 отсто и Германија со 2,8 отсто. Поважна од самата листа е насоката, бидејќи инфлацијата забрза во Италија и Франција, остана иста во Шпанија и падна во Германија, иако сите четири земји се соочуваат со истиот скок на цените на енергијата.

Во Италија инфлацијата се искачи од 4,2 отсто во септември на 5,4 отсто во октомври, што е нивото од август 2023 година и значително над очекувањата на економистите од 4,6 отсто. Според усогласената методологија што се користи за споредба меѓу земјите од ЕУ, италијанската стапка достигна дури 5,6 отсто. Најголем дел од штетата ја направи енергијата, чии цени се за 31,4 отсто повисоки од пред една година, а регулираните тарифи пораснаа за 59,5 отсто на годишно ниво и за 18,8 отсто само во текот на октомври.

Притисокот веќе стигнува и до рафтовите во маркетите. Кошничката со храна, хигиена и производи за домаќинство што Италијанците најчесто ги купуваат поскапе за 2,5 отсто, непреработената храна за 7,5 отсто, а превозот за 3,1 отсто. Дополнителен проблем е тоа што италијанската економија во третиот квартал воопшто не порасна, па домаќинствата се соочуваат со поскапувања без економски раст.

Во Шпанија инфлацијата остана на 4,9 отсто, блиску до највисокото ниво од почетокот на 2023 година. Годишната стапка не порасна главно затоа што горивата се поевтини отколку во октомври минатата година, иако повисоките тарифи за гас делумно ја поништија таа олеснителна околност. Шпанија во моментов е и најсилната голема економија во еврозоната, со раст од 0,6 отсто во третиот квартал поттикнат од домашната побарувачка.

Франција ја доживеа највисоката инфлација од јануари 2024 година, со раст од 3,1 на 3,4 отсто, над очекуваните 3,2 отсто. Цените на енергијата се повисоки за 24,1 отсто и растат четврти месец по ред, а поскапуваат и хотелите и превозот. Бидејќи француската економија во третиот квартал се намали за 0,1 отсто, аналитичарите предупредуваат на стагфлација, односно комбинација од растечки цени и економија што стагнира.

Германија е исклучок, со пад на инфлацијата од 3,3 на 2,8 отсто. Главната причина е намалувањето на даноците на горивата, кое стапи на сила на 1 октомври и важи до крајот на годината. Економистите сепак предупредуваат дека олеснувањето може да биде краткотрајно, бидејќи енергетската инфлација би можела повторно да скокне во јануари и февруари доколку даноците се вратат.

Евростат следната недела ќе ја објави проценката за целата еврозона, а аналитичарите очекуваат стапка меѓу 3,7 и 4 отсто, што е двојно повеќе од целта на Европската централна банка од 2 отсто. Сè повеќе економисти предупредуваат дека енергетскиот шок брзо се прелева и во другите цени, кои потешко се враќаат надолу. Со раст на еврозоната од само 0,4 отсто во третиот квартал, дел од нив очекуваат уште две покачувања на каматните стапки.


ЕЦБ во четвртокот ја задржа депозитната стапка на 2,5 отсто по покачувањето во септември, иако на седницата се разговарало и за ново зголемување. Состанокот го засени најавата на Кристин Лагард дека ќе се повлече во февруари, девет месеци пред крајот на мандатот, што дополнително може да внесе нестабилност на пазарите. Можноста за покачување на каматите во декември останува отворена, а банката балансира меѓу слабиот раст и цените што не престануваат да растат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс