Продавници во Франција ги покриваат излозите со дрвени плочи и метални прегради, ангажираат дополнително обезбедување и најавуваат затворање пред денешните протести. Мерките следуваат по грабежите и уништувањето на деловни објекти за време на демонстрациите минатиот викенд.
Во Париз, дел од луксузните бутици одлучија да не работат, додека други ќе го приспособуваат работното време според состојбата на улиците. Според Ројтерс, продавници на „Ролекс“ и „Де Бирс“ во близина на плоштадот Вандом најавија затворање за сабота.
Засилено обезбедување воведоа и продавниците на „Луј Витон“, „Диор“ и „Булгари“. Стоковната куќа „Прентан“ го зголеми бројот на обезбедувачи и дополнително ги зацврсти влезовите и излозите.
Стравувањата на трговците се поврзани со сцените од минатата сабота, кога продавници во Париз, Марсеј и Бордо беа ограбени или оштетени. Новите прекини во работењето создаваат дополнителен притисок врз трговијата, особено врз луксузните брендови, за кои странските купувачи се значаен извор на приходи.
Француските власти за денеска мобилизираа околу 70.000 полицајци и жандарми низ земјата, со поддршка од хеликоптери, оклопни возила и водени топови. Поради безбедносните ризици, затворени се и големи париски музеи, меѓу кои Лувр, музејот Орсе и музејот Пикасо.
Протестите почнаа со барања за подобри услови во училиштата, а потоа се проширија во пошироко незадоволство поради растечките животни трошоци и економската нееднаквост.
