Трамп: Време е Украина да добие нов претседател

Тој го обвини Зеленски дека со своите постапки предизвикува проблеми на глобално ниво, вклучително и за американските земјоделци

Украина треба да добие нов претседател „кој може да склучи договор“, изјави шефот на Белата куќа Доналд Трамп, повторно критикувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски за нападите врз руските рафинерии за нафта и нивното влијание врз глобалниот пазар на дизел. 

„Предлагам да добијат нов лидер кој може да склучи договор. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, рече Трамп, одговарајќи на прашањата на новинарите за руските напади врз Украина и договорот што го постигна со Русија за испораките на дизел, пренесува АП.

Трамп ги критикуваше нападите на Зеленски и Украина врз руските рафинерии, велејќи дека тие влијаат на снабдувањето со дизел на глобалниот пазар.

„Им рековме: „Можете да правите што сакате со Русија, но не ги напаѓајте рафинериите, бидејќи тоа создава проблем за целиот свет“, рече Трамп.

Тој го обвини Зеленски дека со своите постапки предизвикува проблеми на глобално ниво, вклучително и за американските земјоделци.

„Тој сака да создаде проблеми за нашите земјоделци и сточари поради горивото, бидејќи Русија снабдува голем дел од светот со таа енергија“, рече американскиот претседател.

Трамп додаде дека Вашингтон го предупредил Киев да не ги напаѓа погоните за производство на дизел, тврдејќи дека на пазарот веќе има голем недостиг од тоа гориво.

„И што прави тој? Оди и напаѓа дизел-фабрики“, рече Трамп, додавајќи дека Зеленски „мора да го спречи тоа“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс