Отвореноста за сопствените чувства и поддршката кон партнерката се основни одлики што ги раздвојуваат зрелите од незрелите мажи, пренесува порталот „Јортанго“ (YourTango). Наместо да бегаат од одговорност или да бараат постојано одобрување од околината, партнерите со изградена самодоверба градат врски врз јасна комуникација и меѓусебно почитување на границите.
Незрелото однесување честопати излегува на површина токму преку начинот на кој мажот управува со сопствените емоции. Затворањето во себе и одбивањето разговор ја рушат блискоста во врската.
Зрелите партнери не бегаат од ранливост. Иако отворањето за сопствените несигурности бара напор, свесни се дека тоа претставува темел за меѓусебна доверба, наместо да ја ставаат личната комоција пред врската.
Ставот дека мажот мора да биде поуспешен од партнерката сè уште постои како предрасуда. Емоционално незрелите поединци напредокот на својата партнерка често го доживуваат како сопствен пораз или закана за егото.
Спротивно на тоа, зрелите мажи немаат проблем со туѓиот професионален или личен развој. Тие искрено се радуваат на успехот и претставуваат поддршка, без страв од нарушување на некакви традиционални улоги.
Кога извинувањето содржи обид за оправдување на постапките, тоа престанува да биде искрено. Незрелите личности често гледаат на признавањето вина како на личен пораз или слабост.
Зрелиот маж го остава суетата настрана. Тој признава кога погрешил и не бара изговори за своето однесување, свесен дека одговорноста е поважна од потребата секогаш да се биде во право.
Прифаќањето на зборот „не“ за многумина претставува пречка, особено кај оние навикнати работите секогаш да течат по нивен план. Зрелиот партнер не се лути на одбивањето, туку ги почитува туѓите граници.
Истовремено, тој не очекува читање мисли. Наместо да молчи и потоа да се лути што не бил разбран, зрелиот маж јасно и директно ги соопштува своите очекувања и потреби. Тој стои зад своите ветувања и не зависи од постојаната потреба за потврда од околината.