Сите земји во регионот мора да се запрашаат зошто Србија толку интензивно купува оружје, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на прес-конференција во Загреб. Тој го оцени српското наоружување како процес што личи на вистинска „шопинг манија“ ширум светот, посочувајќи дека Хрватска будно ја набљудува безбедносната состојба кај источниот сосед.
Пленковиќ изјави дека властите во Загреб многу внимателно ги следат српските воени набавки. Прашањето за наоружувањето на Белград веќе било отворено на хрватските совети за одбрана и национална безбедност, но и во директни консултации со меѓународните партнери.
Оваа реакција доаѓа по средбата на хрватскиот премиер со баварскиот премиер Маркус Зедер, каде што одговараше на новинарски прашања поврзани со проценките на неговиот министер за одбрана. Иван Анушиќ претходно во Задар оцени дека реториката што доаѓа од Србија станува се поагресивна и непријателска, додека државата паралелно трупа ново вооружување.
Како одговор на регионалните поместувања, Пленковиќ потсети дека Хрватска ги гради сопствените одбранбени капацитети во рамки на НАТО и Европската Унија. Земјата во последните десет години го зголеми својот воен буџет за три пати.
Хрватскиот премиер наведе дека овие воени капацитети не претставуваат закана за ниту еден сосед. Според неговите зборови, целта на инвестициите е исклучиво одвраќање, за да се спречи какво било повторување на воената агресија од деведесеттите години.