Во пресрет на утрешното 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, „Повторно роден“ ја раскажува приказната за патот на Дарио Ивановски – неговите почетоци, минатогодишната победа на маратонот во Скопје, настапот на Олимписките игри и одлуката маратонското трчање да биде неговиот животен пат
Една година по победата на Дарио Ивановски на Виз Ер Скопскиот маратон, неговата приказна е преточена во документарниот филм „Повторно Роден“.
Документарецот го следи патот на еден од најуспешните македонски атлетичари – од неговите почетоци во атлетиката и одлуката да стане маратонец, до моментите кои ја одбележаа неговата кариера, минатогодишната победа на Скопскиот маратон и настапот на Олимписките игри.
За Дарио во филмот зборуваат неговиот тренер, блиски соработници и луѓе од организацијата на Скопскиот маратон кои го следат неговиот пат и развој. Нивните сведоштва ја дополнуваат приказната за спортистот, но и за човекот зад резултатите, откривајќи моменти и детали кои досега не ѝ беа познати на јавноста.
Дарио отворено зборува за тоа што за него значи маратонското трчање, што го натерало да се определи токму за маратонот и како изгледал патот до најголемите натпревари. Низ неговата приказна се открива дека маратонот за него одамна е многу повеќе од трка и резултат на штоперицата, тој е стил на живот, исполнет со тренинзи, километри, одрекувања, падови и подеми, но и со она чувство поради кое повторно се враќаш на стартот. За Дарио, трчањето е нешто од кое не планира да се откаже.
„Верувам дека додека сум жив, јас ќе трчам. Додека сум жив, ќе уживам во секој мој километар изминат. А, тоа е да бидам маратонец. Еден ден кога ќе се пензионирам, ќе се пензионирам како победник на Скопски маратон и како олимпиец“, категоричен е Дарио.