Дневни концерти, Горан Стефановски и филмски маратон за финишот на ЅИРНИ

Покрај бесплатната филмска и музичка програма пред Домот на АРМ и во Котур, викендов на сцена оживува Казабалкан.

Осмото издание на фестивалот на филм и музика ЅИРНИ влегува во својата завршница со тридневна програма на платото пред Домот на АРМ и во просторот на Кафе и филм Котур во Скопје. Од 3 до 5 октомври публиката ќе проследи бесплатни дневни настапи на регионални и домашни музички артисти, театарска изведба на текст од Горан Стефановски и премиера на филмовите создадени во рамки на 48-часовниот филмски предизвик.

Саботната програма стартува на платото пред Домот на АРМ точно напладне со трикратен концертен блок. На сцената излегува регионалниот инди-состав Lelee, препознатлив по звукот што влече корени од југословенскиот нов бран и слекер-рокот од деведесеттите години. Заедно со нив настапува составот Роза, чиј израз спојува краутрок, афробит и пост-панк ритми, како и тетовскиот хип-хоп артист и продуцент САМ, присутен на домашната андерграунд рап сцена уште од 2008 година. Вечерниот дел од саботата се сели во просториите на Котур, каде од 21 часот своја музичка селекција ќе презентира Боле.

Неделното пладне повторно носи жива свирка на отворено. Во дворчето на Котур во 12 часот настапува Hot Jazz Orkestar, нудејќи класичен дневен џез-концерт за публиката.

Неделната вечер е резервирана за театар. Во Котур од 20 часот ќе се одигра претставата „Казабалкан“, работена по текст на Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски.

Текстот се фокусира врз судбината на поединецот во воен вител, каде љубовта и инстинктот за преживување стануваат единствениот движечки механизам. Жанровски поставена меѓу реализмот и драмата на апсурдот, изведбата користи минималистичка сценографија и брехтовски театарски пристап како директен општествен коментар. Влезот за театарската претстава чини 300 денари, а билетите се продаваат директно во Котур.

Завршниот ден, понеделник, целосно му припаѓа на филмот. На платото пред Домот на АРМ од 19:30 часот ќе започне јавната проекција на краткометражните остварувања продуцирани во рамки на 48-часовниот филмски предизвик. Веднаш по проекциите следува свечената церемонија на доделување на наградите за најуспешните тимови што успеаја да снимат филм под строг временски рок.

Осмото фестивалско издание официјално завршува со заедничка забава во Котур, каде од 21 часот музичката селекција ја презема Double G.

е-Трн да боцка во твојот инбокс