Поранешната претседателка на Република Српска и осудена воена злосторничка, Билјана Плавшиќ, почина денеска во Белград на 96-годишна возраст. Веста за нејзината смрт ја објавија регионалните медиуми, потсетувајќи на нејзината улога во војната во Босна и Херцеговина и пресудата пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.
Плавшиќ доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал на 10 јануари 2001 година. Една година подоцна, таа се изјасни за виновна по обвинението за прогон врз политичка, расна и верска основа, што беше оквалификувано како злосторство против човечноста.
Судскиот совет во Хаг на 27 февруари 2003 година ѝ изрече затворска казна од 11 години. Пресудата утврди дека таа имала директна политичка и командна одговорност во кампањата за етнички прогон на несрпското население, што доведе до илјадници убиени и десетици илјади протерани цивили.
По изрекувањето на пресудата, Плавшиќ беше префрлена на издржување на казната во женскиот затвор Хинсеберг во Шведска. На слобода излезе предвреме, во октомври 2009 година, откако одлежа две третини од досудената казна.
За време на војната во Босна и Херцеговина, Билјана Плавшиќ беше дел од раководството на босанските Срби заедно со Радован Караџиќ и Момчило Крајишник. По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, таа застана на чело на Република Српска како претседателка, функција што ја извршуваше од 1996 до 1998 година.
Во тој период дојде до политички судир меѓу неа и крилото лојално на Караџиќ во Пале, по што таа го премести седиштето на власта во Бања Лука со поддршка на меѓународната заедница.
Според првичните информации на локалните медиуми, погребот на Плавшиќ се очекува да биде извршен во Бања Лука.