AI очилата станаа хит: Продажбата скокна 263 отсто за една година

Паметните очила со вештачка интелигенција сè почесто се користат наместо телефонот за фотографирање, повици, музика и гласовни AI функции.

Продажбата на паметни очила со функции на вештачка интелигенција пораснала за 263 отсто во првата половина од 2026 година во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на истражувачката компанија „Контрапоинт рисрч“.

Растот е особено изразен кај паметните очила без вграден екран, чија продажба на глобално ниво се зголемила за 258 отсто на годишно ниво.

Мета го држи најголемиот дел од пазарот

На овој сегмент во моментов доминира „Мета“. Нејзините модели сочинуваат 94 отсто од продажбата на AI очила без вграден екран, според податоците цитирани од „Контрапоинт рисрч“. Голем дел од растот е поврзан со соработката со брендот „Реј-Бен“. Продажбата на паметните очила „Мета Реј-Бен“ пораснала за 220 отсто во однос на претходната година.

На прв поглед изгледаат како класични очила „Реј-Бен“, но во рамките имаат камери, микрофони и звучници. Со нив корисниците можат да фотографираат и снимаат видео, да слушаат музика, да разговараат телефонски и да користат гласовни функции базирани на вештачка интелигенција, без да го вадат телефонот од џеб.

Колку чинат?

Цената зависи од моделот, рамката и видот на стаклата. Моделите „Реј-Бен Мета“ од втората генерација на европскиот пазар се продаваат по цени од околу 420 евра, додека одредени верзии со поскапи стакла и рамки достигнуваат 500 евра или повеќе.

Напредниот модел „Мета Реј-Бен Дисплеј“, кој има екран вграден во едното стакло, е претставен со цена од околу 680 евра.

Пазарот се шири

Брзиот раст на продажбата покажува дека AI очилата постепено се поместуваат од категоријата на технолошки новитети кон производи што привлекуваат поширок круг купувачи.

Во сегментот се присутни и други големи технолошки компании, а интересот за развој на вакви уреди го покажуваат и „Гугл“, „Епл“ и „Самсунг“. Сепак, податоците за првата половина од 2026 година покажуваат дека „Мета“ во моментов има убедлива позиција, особено кај очилата без екран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс