Расправијата дали воените набавки треба да се насочат кон домашни компании или кон сојузниците од САД го занемарува главниот проблем, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На самитот за одбрана и вселена организиран од Јуроњуз во Брисел, тој посочи дека европската одбранбена индустрија е недоволно развиена, а производството е премало за да ги задоволи потребите на сојузниците.
Според шефот на НАТО, фокусот на јавните набавки во моментов е поставен на погрешно место. Руте нагласи дека проблемот не е во потеклото на оружјето, туку во физичката достапност на воената опрема на пазарот.
„Проблемот не е во тоа дали купувате во Европа или во Соединетите Држави. Проблемот е дали воопшто можете нешто да купите. Пари постојат, но одбранбената индустриска база во Европа е неразвиена и не произведува доволно“, изјави Руте на собирот во Брисел.
Тој додаде дека слободниот пазар функционира најдобро кога е отворен и независен, но дека сегашната ситуација бара итно надминување на бирократските пречки.
Внатре во Европската Унија со месеци трае отворено несогласување околу трошењето на заедничките буџети за одбрана. Франција бара строга предност за европските производители со цел зајакнување на стратешката автономија, додека Германија инсистира на купување готова и веќе достапна опрема од сојузниците, пред сè од американските компании.
Руте ваквото препукување го оцени како контрапродуктивно во услови кога воените складишта се празнат побрзо отколку што индустријата може да ги пополни.
„Мислам дека дебатата за тоа дали купуваме европско или американско е чист луксуз, бидејќи не можеме да купиме доволно ниту на едната страна. Производството е премало“, порача првиот човек на Алијансата и побара од воената индустрија итно да ги зголеми инвестициите.