90 минути во мрак и без снимање на „Autechre“ во МКЦ

Посетителите на концертот на Autechre во петок, 2 октомври, во скопскиот МКЦ ќе треба да се подготват за настап во целосен мрак, без снимање и фотографирање со блиц.

Во упатството за публиката се наведува дека сите светла во концертниот простор ќе бидат изгасени за време на сетот, а престојот во темница може да трае најмногу 90 минути.

Од публиката се бара однапред да избере место и да остане на него до крајот на настапот, кога светлата повторно ќе се вклучат. Посетителите не треба да ја осветлуваат сцената или просторот околу себе, освен ако им е потребна помош.

Предвидени се и јасни насоки за оние што ќе треба да излезат. Ако некој сака да го напушти просторот за време на концертот, може да го употреби светлото од мобилниот телефон за да си го осветли патот.

За да побараат помош, посетителите треба да го вклучат светлото на телефонот и да замавнат со него над главата. Според упатството, обезбедувањето ќе им пријде и ќе им помогне. Во итен случај, светлата ќе се вклучат, а персоналот ќе помогне при напуштањето на просторот.

Оние на кои им е непријатна помислата да поминат до час и половина во темница се повикуваат да разговараат со персоналот пред почетокот. Обезбедувањето ќе биде присутно и ќе ја следи публиката во текот на настапот.

Концертот е прво гостување на британското електронско дуо во Скопје, во организација на „ROTK books&music“. Покрај Шон Бут и Роб Браун, на концертната вечер се најавени MDX, проектот на основачот на Skam Records, Енди Медокс, и домашниот продуцент Александар Ордев.

е-Трн да боцка во твојот инбокс