Голема анализа на 47 милиони тестови: Електричните автомобили со висока километража се поиздржливи од бензинците

Електричните автомобили со висока километража имале приближно 25 проценти помала веројатност да паднат на тестот

Електричните автомобили со поголема километража поретко паѓаат на технички преглед од споредливите бензински модели, покажува ново британско истражување засновано врз резултатите од 47,4 милиони тестови.

Истражувањето го спроведе независната организација „New AutoMotive“ за Британската асоцијација за изнајмување и лизинг возила – BVRLA, користејќи официјални податоци од британските технички прегледи.

Кај автомобилите што поминале меѓу 90.000 и 120.000 милји, односно приближно од 145.000 до 193.000 километри, на технички преглед не поминале 16,5 проценти од електричните возила. Кај бензинските автомобили со слична старост и километража стапката на неисправност изнесувала 22,1 процент.

Тоа значи дека електричните автомобили со висока километража имале приближно 25 проценти помала веројатност да паднат на тестот.

Разликата дополнително се зголемувала кај возилата со повеќе од 120.000 милји, односно над 193.000 километри. Во оваа група не поминале околу 16 проценти од електричните автомобили, наспроти 23,5 проценти од возилата со мотор со внатрешно согорување.

Кај автомобилите со помала километража речиси и немало разлика. Во категоријата од 20.000 до 40.000 милји, или приближно од 32.000 до 64.000 километри, стапката на пад изнесувала 12 проценти кај електричните и 11,7 проценти кај бензинските автомобили.

Истражувачите сметаат дека резултатите ја доведуваат во прашање традиционалната претпоставка дека автомобил со 100.000 или повеќе километри автоматски е при крајот на својот работен век. Електричните возила имаат помалку подвижни механички компоненти, немаат класичен мотор, менувач, издувен систем и многу од деловите што со текот на времето се трошат кај бензинските и дизелските автомобили.

Сепак, електричните возила почесто имале проблеми со гумите и сопирачките. Поголемата тежина може да предизвика побрзо трошење на гумите, додека користењето регенеративно сопирање значи дека класичните сопирачки се активираат поретко и можат да кородираат.

Авторите предупредуваат дека техничкиот преглед не ја проверува состојбата на батеријата, нејзиниот преостанат капацитет или брзината на полнење. Затоа, при купување половен електричен автомобил, покрај сервисната историја и состојбата на гумите, сопирачките и подвозјето, неопходна е и посебна проверка на батеријата.

Заклучокот од истражувањето е дека високата километража сама по себе не треба да биде причина за откажување од купување половен електричен автомобил. Добро одржуван примерок може да биде издржливо и економично возило и по поминати 150.000 или 200.000 километри.

Извори: BVRLA, The Guardian.

е-Трн да боцка во твојот инбокс