Македонскиот режисер, сценарист и продуцент Дарко Митревски најави дека подготвува спин-оф на култната црна комедија „Бал-кан-кан“, со приказна сместена во денешна Македонија. За главните улоги ги планира актерите Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова, но проектот сè уште е во почетна фаза и допрва треба да обезбеди финансии.
Митревски ја претстави идејата на средба со новинари и инфлуенсери во фоајето на Македонскиот народен театар. Според него, замислата се појавила додека патувал со авион, а за неколку дена веќе имал подготвено сценарио.
Филмот нема да биде класично продолжение на „Бал-кан-кан“, туку нова приказна поврзана со неговиот филмски свет и препознатливиот стил. Митревски го опишува проектот како љубовна, еротска и црна комедија исполнета со хумор, но и со горчлив и тажен крај.
Во центарот на приказната се двајца луѓе од општествената маргина, незабележливи во секојдневниот живот и доведени до работ на егзистенцијата. Нивната врска станува единственото нешто што ги одржува, а можноста за бегство ја наоѓаат во дигиталниот свет.
По сплет на околности, тие стануваат познати на социјалните мрежи. Но, колку повеќе навлегуваат во светот на виртуелната слава, толку повеќе им се распаѓа вистинскиот живот. Преку нивната приказна, Митревски сака да проговори за зависноста од „Тикток“, „Фејсбук“, „Инстаграм“ и другите платформи, како и за разликата меѓу дигиталната слика што ја создаваме и реалноста во која живееме.
„Приказната е цинична и смешна, но во суштина е горчлив коментар на нашите животи во моментов“, вели режисерот.
Работниот наслов сè уште не е соопштен, но Митревски најави дека ќе биде инспириран од познат македонски шлагер. Неговата намера е филмот да претставува слика на современа Македонија, видена од перспектива на автор кој повеќе години живее надвор од земјата.
Сашко Коцев претходно соработуваше со Митревски во „Трето полувреме“, додека Тони Михајловски беше дел од оригиналниот „Бал-кан-кан“. Со вклучувањето на Јелена Јованова, режисерот планира актерска тројка околу која би се развивала новата приказна.
Во моментов се работи на процена на буџетот и составување на екипата. Потоа треба да следуваат аплицирање за финансиска поддршка, разговори со продуценти и обезбедување спонзори. Тоа значи дека снимањето сè уште не е официјално потврдено и ќе зависи од затворањето на финансиската конструкција.
„Бал-кан-кан“ беше објавен во 2005 година и стана една од најгледаните македонски црни комедии. Две децении подоцна, Митревски сака неговиот филмски свет да го пренесе во времето на социјалните мрежи и виртуелната популарност.
Митревски, кој 14 години живее во Соединетите Американски Држави, деновиве престојува во Македонија. Во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола ќе одржи и мастерклас насловен „Како да НЕ снимите здодевен филм?“.