7 случаи за два дена: Велигден во знакот на семејното насилство

Од Скопје до Куманово, Кичево, Охрид и Богданци, полициските билтени и за празничниот викенд бележат нови случаи на семејно насилство, закани и малтретирање, меѓу кои има и деца.

Додека земјата влезе во празнични денови, полициските билтени повторно донесоа тешка и вознемирувачка слика: во само два дена беа регистрирани најмалку седум случаи на семејно насилство и семејно малтретирање во повеќе градови низ Македонија. Од физички напади врз сопруги и партнерки, до закани со остри предмети и психичко малтретирање на дете, празничниот викенд уште еднаш потсети дека домот за многумина не е безбедно место.

Во Скопје, на подрачјето на Карпош, полицијата го приведе 41-годишниот Б.Ѓ., осомничен дека еден ден претходно во семејниот дом физички ја нападнал својата 43-годишна сопруга и ѝ упатувал закани. Само неколку часа подоцна, бил регистриран уште еден случај во скопско, каде 45-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека ја нападнал својата сопруга, оштетил дел од покуќнината и ѝ се заканувал со остри предмети. Во обид да ги оттурнат предметите, повредени биле и неговите ќерка и син.

Нов случај бил пријавен и во Центар, каде 40-годишен државјанин на Хрватска бил приведен поради сомнение дека физички ја нападнал својата партнерка од Украина и нејзината сестра, им се заканувал и оштетил дел од покуќнината. Подоцна, и тој поднел пријава дека бил нападнат од партнерката, а полицијата работи на расчистување на сите околности.

Во Куманово, вработена во Центарот за социјални работи пријавила случај на психичко малтретирање врз 13-годишно дете, кое според пријавата било избркано од домот од неговиот татко. За случајот е известен јавен обвинител, а детето треба да биде сместено во згрижувачко семејство.

Во Кичево, 27-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот поранешен сопруг и уште едно лице. Во охридско, пак, 24-годишна жена, која е во бракоразводна постапка, пријавила дека нејзиниот сопруг насилно ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал и ја принудил да влезе во неговото возило, каде повторно ѝ нанел повреди. Уште едно приведување имало и во Богданци, каде 37-годишен маж бил задржан по пријава дека физички ја нападнал својата 26-годишна сопруга.

Само неколку дена претходно, во полициските билтени низ Македонија беа регистрирани најмалку 42 пријави за семејно насилство за период од две недели. Во разговор за Трн, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство посочи дека тоа не мора нужно да значи нагло зголемување на насилството, туку и дека институциите, под притисок на јавноста, сега почесто и поотворено информираат за своите постапувања.

Но, токму тука е и најтешкото прашање. Дали оваа зголемена видливост ќе значи и вистинска, навремена заштита за жртвите, или системот повторно ќе остане само на евиденција и кратки службени соопштенија? Кога за два празнични дена има седум нови случаи, меѓу кои и дете што завршува во згрижувачко семејство, станува јасно дека семејното насилство не запира ниту за празник, ниту за викенд, ниту кога јавноста е свртена кон други теми.

Празниците би требало да значат дом, блискост и сигурност. Но за дел од жените, децата и семејствата во Македонија, тие и понатаму значат страв, закани и насилство зад затворени врати. И токму затоа бројките не смеат да останат само бројки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни