Речиси половина од вкупната потрошувачка на домаќинствата во Европската Унија отпаѓа на само три категории: храна и безалкохолни пијалаци, домување со вода и енергија и транспорт. Според најновите податоци на Евростат, во јануари 2026 година овие три категории сочинувале 46% од вкупната потрошувачка на домаќинствата во ЕУ.
Станува збор за трошоци кои имаат големо влијание врз животниот стандард, особено затоа што сите три категории во последните години во одреден период бележеле значителни поскапувања.
Европејците повеќе трошат за рекреација и култура
Податоците покажуваат и промени во структурата на потрошувачката. Во однос на јануари 2025 година, учеството на расходите за рекреација, спорт и култура се зголемило за 1,2 процентни поена. Тоа е најголемото зголемување меѓу набљудуваните категории. Поголемо учество во вкупната потрошувачка имаат и рестораните и услугите за сместување, за 0,3 процентни поени.
Кај образованието, учеството е зголемено за 0,1 процентен поен.
Транспортот има помало учество
Од друга страна, најголемо намалување е регистрирано кај транспортот. Неговото учество во вкупните расходи на домаќинствата е намалено за 0,4 процентни поени во споредба со јануари минатата година. Намалено е и учеството на трошоците за информации и комуникации, за 0,3 процентни поени.
Што покажуваат бројките?
Податоците укажуваат дека иако основните животни трошоци , храната, домувањето, енергијата и транспортот – сè уште заземаат најголем дел од потрошувачката на европските домаќинства, постепено се менува распределбата на останатиот дел од буџетот.
Поголемото учество на расходите за рекреација, спорт, култура, ресторани и сместување може да укажува на растечка потрошувачка во категориите поврзани со слободното време и услугите. Податоците се дел од публикацијата на Евростат „Клучни бројки за Европа – издание за 2026 година“, која ги опфаќа најновите економски, социјални и демографски показатели за Европската Унија.