На крајот на 2025 година, во светот имало повеќе од 117 милиони луѓе кои биле присилно раселени поради војни, конфликти, прогон, насилство, прекршување на човековите права или кризи што им го одзеле најосновното чувство на сигурност.
Меѓу нив, 41,6 милиони се бегалци, околу 9 милиони се баратели на азил, а десетици милиони луѓе се раселени во рамки на сопствените земји.
Но зад секоја од овие бројки стои човек. Стои семејство кое морало да замине без да знае дали некогаш ќе се врати. Стои дете кое расте далеку од домот. Стои жена, татко, брат, сестра, пријател, сосед – некој што до вчера имал обичен живот, а денес бара само едно: безбедност.

75 години од ветувањето за заштита
Светскиот ден на бегалците, кој секоја година се одбележува на 20 јуни, годинава доаѓа со порака што звучи едноставно, но во себе носи огромна одговорност: „Додека сите не бидат безбедни.“
Годинава оваа порака има и посебна тежина. Годинава, се одбележуваат 75 години од Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, документ кој по Втората светска војна го постави темелот на меѓународната заштита на луѓето принудени да бегаат од војна, конфликт и прогон.
Во изјава за Трн, Никол Ептинг, претставничка на УНХЦР за Централна и Југоисточна Европа, потсетува дека ова ветување не е важно само за бегалците, туку за сите општества кои веруваат во човеково достоинство, заштита и солидарност.
„Овој Светски ден на бегалците означува уште една значајна пресвртница, не само за бегалците, туку за сите нас во Македонија и низ светот. Пред седумдесет и пет години, по Втората светска војна, земјите се обединија и се согласија дека секој што е принуден да бега од војна, конфликт или прогон има право да побара безбедност и да го обнови својот живот во друга земја. Тоа ветување беше вградено во Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година.
Годинава, нашата порака е јасна: ќе го чуваме и ќе го исполнуваме тоа ветување сè додека сите не бидат безбедни.
Низ светот, раселувањето останува на речиси рекордно ниво. Конфликтите продолжуваат, се појавуваат нови кризи, а решенијата премногу често остануваат недостижни. Бегалците и понатаму се соочуваат со длабоки предизвици во пристапот до заштита, во обновувањето на своите животи и во преминот од преживување кон трајни решенија. Повторното потврдување и почитување на Конвенцијата е од суштинско значење за да се осигури дека никој нема да остане без заштита и дека ветувањето за безбедност ќе биде исполнето за сите“, изјави Ептинг за Трн.
Никол Ептинг работи во УНХЦР од 2000 година, на различни позиции низ светот. Нејзиното искуство опфаќа работа со бегалци, баратели на азил, повратници, лица без државјанство и внатрешно раселени лица во Мјанмар, Уганда, Танзанија, Босна и Херцеговина, Непал, Грција, Бангладеш и Ирак. Денес таа е претставничка на УНХЦР за Централна и Југоисточна Европа, со одговорност и за Македонија.

Деца кои со години растат далеку од домот
Она што го покажуваат глобалните податоци е дека бегалството сè поретко е кратка животна епизода. За милиони луѓе тоа станува долга неизвесност, живот во чекање, години поминати меѓу минатото од кое морале да побегнат и иднината што сè уште не можат да ја изградат.
Речиси седум од десет бегалци во светот живеат во долготрајно раселување. Тоа значи дека многу деца не го паметат домот од кој нивните родители избегале. За нив, бегалството не е само збор од вести, туку реалност во која растат, учат, се лекуваат, се плашат и сонуваат.
Најголем дел од бегалците доаѓаат од земји погодени од долготрајни конфликти и нестабилност, меѓу кои Авганистан, Јужен Судан, Судан, Сирија, Украина и Венецуела. Но најчесто тие не заминуваат далеку. Голем дел од нив остануваат во соседни земји, блиску до своите домови, блиску до јазикот, блиску до надежта дека еден ден ќе можат да се вратат.

Солидарноста не смее да остане само збор
Токму затоа солидарноста не смее да биде само збор што се повторува на меѓународни денови. Таа мора да биде конкретна политика, заштита, пристап до образование, здравствена грижа, работа, документи, интеграција и достоинствен живот.
Зашто бегалецот не е закана. Бегалецот е човек кој веќе изгубил премногу.
Да се зборува за бегалци значи да се зборува за правото на живот без страв. За правото на дете да оди на училиште. За правото на семејство повторно да има адреса. За правото на човек да не биде оставен сам затоа што границите, политиката или рамнодушноста одлучиле дека неговата болка е туѓа.
Покрај бегалството, светот се соочува и со уште една тивка, но длабока неправда: бездржавјанството. Најмалку 4,4 милиони луѓе во светот немаат државјанство, а со тоа често немаат пристап до основни права, образование, здравствена заштита, работа и чувство на припадност.
Во тој контекст, Македонија во 2025 година направи важен чекор. Земјата ги реши сите познати случаи на бездржавјанство поврзани со распадот на поранешна Југославија, со што последните лица кои со децении живееле во правна неизвесност добија државјанство. Тоа покажува дека бездржавјанството не е нерешлива судбина, туку проблем што може да се надмине кога има политичка волја, институционална координација и човечки пристап.
Светскиот ден на бегалците затоа не е само ден за сочувство. Тој е ден за одговорност.
Додека 41,6 милиони луѓе во светот се бегалци, ветувањето за безбедност не може да се смета за исполнето. Додека некој мора да бега за да преживее, додека некое дете расте без сигурен дом, додека некое семејство живее со години во неизвесност, светот има обврска да не гледа настрана.
Затоа пораката „Додека сите не бидат безбедни“ не е само мото. Таа е потсетник дека безбедноста не смее да биде привилегија, туку право.
И дека домот, за секој човек, треба да биде место на мир, a не спомен од кој морал да побегне.