40.000 луѓе, Борис Брејча и IDLES: Д Фестивал го собори рекордот и го претвори Штип во музички центар на Балканот

Над 40.000 посетители, повеќе од 80 концерти и спектакуларни настапи на Борис Брејча, IDLES и Бајага. Д Фестивал 2026 постави нов рекорд и го потврди Штип како фестивалски центар на регионот.

Со рекордни повеќе од 40.000 посетители, над 80 концерти, пет фестивалски бини и богата придружна програма, годинашното издание на Д Фестивал уште еднаш покажа зошто е еден од најзначајните музички фестивали во Македонија и регионот.

Во текот на трите фестивалски дена, илјадници посетители поминаа низ фестивалскиот простор во Штип, а организаторите велат дека сместувачките капацитети во градот и околината биле целосно распродадени уште десетина дена пред почетокот на фестивалот.

Фестивалската програма опфати повеќе од 80 музички настапи, како и над 100 учесници во рамки на програмата Плоштарт, која понуди јавни дискусии, изложби, работилници, перформанси и различни културни активности. Првиот фестивалски ден го отвори легендарниот хип-хоп продуцент и диџеј DJ Premier, а настапија и Дупер, Son Rompe Pera, Страјк, Диџеј Гоце, Ронин и Смоке Мардељано.

Саботата ја донесе најголемата посетеност. На главната сцена настапија Бајага и Инструктори, Миле Кекин, Јура Стублиќ и Филм, како и Lelee, КЕМ, Conspiracy, Gwass и Destruction.

Финалето на фестивалот го одбележа настапот на Борис Брејча, кој приреди неколкучасовно аудиовизуелно шоу пред илјадници посетители. Впечатоци остави и британскиот постпанк бенд IDLES, чиј концерт многумина го оценија како еден од најсилните настапи на фестивалот. Последниот ден настапија и Peach Vice, KOIKOI, Hiljson Mandela, Fiction и DJ Flooder. Покрај музиката, посетителите имаа можност да учествуваат во бројни активности на Плоштарт, да ги посетат штандовите на Д Базар, да веслаат на реката Брегалница, да следат јога и спортски презентации, како и заеднички да ги гледаат натпреварите од Светското првенство во фудбал.

Годинава фестивалскиот камп прими повеќе од 700 кампери, што претставува најголема бројка досега, а официјалната мобилна апликација на фестивалот ја презеле повеќе од 23.000 корисници, користејќи ја за следење на програмата и навигација низ фестивалските зони.

Организаторите најавија дека во 2027 година фестивалот ќе добие дополнителни нови локации кои ќе ја збогатат постојната понуда, без да го менуваат концептот на фестивалот.

Во изминатите две години Д Фестивал е номиниран за најдобар мал европски фестивал, а организаторите очекуваат годинава повторно да се најде меѓу најдобрите фестивали во Европа. Според нив, рекордната посетеност и годинава потврдува дека Д Фестивал одамна е повеќе од музички настан – тој е место за културна размена, дружење и заедничко фестивалско искуство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс