Стотројка продолжува со своите активности за одбележување на големиот јубилеј: 35 години радио дом на заедницата, јавен простор и платформа за современа музика, слободна мисла и независна културна продукција.
На 16 април, во подрумот на Буква во Скопје, ќе настапат BÖ.SENBERG (Франција) и Electric Rastrello (Италија), два проекта што го третираат звукот како простор за присуство и отпор.
Секогаш на работ, со сет тапани и ефект-педали, BÖ.SENBERG го дроби техното во индустриски колапс. Соло проектот на францускиот тапанар Vincent Redel (La Colonie de Vacances, Electric Electric) гради напон помеѓу техно од 90-тите и груба перкусија. Со повеќе од 250 настапи во над 20 земји во последните три години, BÖ.SENBERG се наметнува како силна, органска форма на музика за танц. Препорачано за фанови на Копачката.
Electric Rastrello се Mattia Benuzzi (електроника и вокал) и Luciano Turella (тапани). Заедно создаваат хибриден звук што ја спојува енергијата на современата клупска сцена со сурова, телесна изведба. Нивната музика се гради од упорни ритми, ослободени арпеџа и масивни бас линии, преплетувајќи техно, индустријал и мутант диско во интензивен електронски звук со панк енергија и политичка острица.