Околу 34.900 домаќинства во Северна Македонија живеат во повеќедимензионална сиромаштија, покажуваат првичните резултати од ново истражување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тоа значи дека околу шест отсто од домаќинствата не се соочуваат само со недостиг на приходи, туку истовремено трпат повеќе различни видови лишеност – од условите во кои живеат до пристапот до основни услуги.
Резултатите ќе бидат претставени на дводневната меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“, која започнува денеска на Филозофскиот факултет.
Истражувањето ја мери сиромаштијата во сите 80 општини и осум плански региони преку 12 индикатори.
Седум од нив се однесуваат на социо-економски лишености: ниско образовно ниво, рано напуштање на образованието, невработеност кај младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови, недостиг на греење и недостиг на вода од водоводната мрежа.
Другите пет индикатори го мерат пристапот, односно оддалеченоста од основно и средно училиште, здравствена установа, болница и зелена површина.
Најголеми разлики има меѓу општините
Според истражувањето, највисока стапка на повеќедимензионална сиромаштија е измерена во Југоисточниот регион – 10,3 отсто. Следуваат Вардарскиот регион со 9 отсто и Североисточниот со 8,9 отсто. Најниска стапка е измерена во Скопскиот регион – 2,3 отсто. Тоа е речиси четири и пол пати помалку од стапката во Југоисточниот регион. Но, уште поголеми се разликите кога податоците ќе се разгледаат по општини.
Во Чашка, според резултатите, повеќедимензионално сиромашни се дури 71 отсто од домаќинствата. Следуваат Старо Нагоричане со 66 отсто, Конче со 58 отсто, Могила со 56 отсто и Новаци со 49 отсто. Тоа значи дека во дел од малите и оддалечени општини сиромаштијата е поврзана со повеќе проблеми истовремено, а не само со приходите на домаќинствата.
Сиромаштијата не завршува со паричниот приход
Според истражувањето, сиромашните домаќинства во просек се соочуваат со четири до пет од вкупно 12 измерени лишености. Тоа може да значи комбинација од ниско образование, лоши услови за домување и недостиг на греење, но и голема оддалеченост од училиште или здравствена установа. Истражувачите затоа укажуваат дека социјалните и развојните политики не би требало да се креираат само според националниот просек.
Наместо тоа, мерките треба да се насочуваат кон конкретните општини и кон конкретниот вид на лишеност со кој се соочуваат нивните жители. Конференцијата на Филозофскиот факултет е организирана и за да ги претстави наодите од проектот „Детерминанти на повеќедимензионалната сиромаштија: просторно мапирање и нови одредници за социјалните и развојните политики на национално ниво“, финансиран од Министерството за образование и наука.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат научни дебати за мерењето и трендовите на повеќедимензионалната сиромаштија, како и за предизвиците пред социјалните и развојните политики.
Извор: МИА