31 пожар за едно деноноќие: Утрово гори во Македонски Брод и Чучер-Сандево

Во последните 24 часа во Македонија се регистрирани 31 пожар на отворен простор. Два се уште се активни – кај Белица и Кајорец и кај Брест и Рамно.

Триесет и еден пожар на отворен простор биле регистрирани во земјава во изминатото деноноќие, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од вкупниот број пожари, два и натаму се активни, четири се ставени под контрола, а 25 се целосно изгаснати. Активни се два пожара во Македонски Брод и Чучер-Сандево.

Во Општина Македонски Брод пожарот е кај селото Белица, во месноста Кајорец, каде што гори нискостеблеста и мешана шума. Вториот активен пожар е во Општина Чучер-Сандево, кај селото Брест и месноста Рамно. Таму огнот зафатил мешана шума.

Четири пожари ставени под контрола

Според податоците на ЦУК, под контрола се пожарите кај селото Бенче во Општина Македонски Брод, кај кичевското село Тајмиште, на градската депонија во Делчево и кај селото Копаница во Општина Сарај. Останатите 25 пожари што биле регистрирани во текот на изминатото деноноќие се изгаснати.

Од ЦУК не се наведуваат дополнителни детали за причините за пожарите, а состојбата на теренот продолжува да се следи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс