30 години Фолтин спакувани во нов сајт и дизајни на студенти

Студентите од „Brainster Next College“ изработија нов веб-сајт за бендот, а Анисија Џуровска победи на конкурсот за колекцијата „Фолтин гардеробер“.

Битолскиот бенд Фолтин и колеџот „Brainster Next College“ реализираа соработка во која студентите го изработија новиот официјален веб-сајт на групата (foltin.mk), преточувајќи го студентскиот проект во официјална дигитална платформа за бендот. Проектот доаѓа во годината кога Фолтин одбележува 30 години постоење на музичката сцена.

Покрај веб-страницата, студентите од програмата за графички и UX/UI дизајн создадоа осум авторски решенија за мерч за новата колекција „Фолтин гардеробер“. Како победничко решение бендот го избра концептот на студентката Анисија Џуровска.

„Овој фанзин е љубовно писмо до текстовите на Фолтин. Мала тетратка со текстовите што останале со нас и нѐ направиле да се чувствуваме помалку осамени“, истакнува Џуровска во воведот на својот труд.

Креативните решенија на Џуровска ќе бидат дел од идните изданија на „Фолтин гардеробер“, а за авторката е обезбедена награда во форма на ваучер и влезници за претстојниот настан со кој бендот планира да го затвори јубилејното славење.

Од бендот посочуваат дека одржаниот концерт во Хераклеа бил само вовед во одбележувањето на трите децении творештво, најавувајќи завршен настан за кој најавуваат дополнителни детали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс