„24 минути“ од телевизија на Јутјуб: Кесиќ не ја пушти емисијата да згасне

По прекинот на соработката со „Нова С“, 13-годишната сатирична емисија се пресели на интернет и ја емитуваше 412. епизода – со истата маса, истата шолја и истата доза сатира.

Една телевизиска емисија може да остане без телевизија, но тоа не значи дека мора да остане без публика. „24 минути со Зоран Кесиќ“ ја емитуваше 412. епизода на Јутјуб, откако не беше продолжена соработката со „Нова С“. Наместо телевизиско студио, екипата направи ново, импровизирано студио и продолжи директно пред дигиталната публика.

Емисијата на Кесиќ на 19 септември ја започна новата етапа со 412. епизода. Промената на платформата не донесе голема промена во препознатливиот визуелен идентитет: останаа масата, сценографијата, шолјата и вратоврската, но телевизискиот посредник беше заменет со директна врска со гледачите.

Преминот следува откако „Нова С“, во сопственост на „Адрија њуз нетворк“, не го продолжи договорот со тимот на емисијата. Од компанијата како причина ги наведоа трошоците и оценката дека комерцијалниот ефект на емисијата бил маргинален. Според објавените информации, годишниот трошок за продукцијата бил над половина милион евра за помалку од 30 часа програма.

Наместо телевизија – публика како продуцент

Кесиќ и неговиот тим избраа поинаков модел за продолжување на емисијата. На платформата Патреон гледачите се повикуваат директно да ја поддржат продукцијата, со идејата публиката да стане еден вид продуцент на „24 минути“.

„Нема повеќе посредници меѓу вас, гледачите, и нас кои ја правиме ‘24 минути’“, порача тимот преку својата Патреон страница, каде што публиката може да ја поддржува емисијата. Новата епизода, според официјалната објава на тимот, носи и симболичен наслов – „Емисија која одбива да цркне“.

Ако телевизијата значеше продукциски буџети, програмска шема и уредничка структура, Јутјуб носи нешто друго: директна зависност од публиката. Каналот на „24 минути“ има стотици илјади следбеници и години наназад објавува содржини на платформата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс