Русија повеќе од 20 часа во бранови го бомбардираше украинскиот град Днипро, во еден од најинтензивните напади во последните месеци од војната. Според првичните информации, загинале најмалку 10 лица, а десетици се повредени.
Локалните власти соопштија дека градот бил погоден во најмалку три одделни напади во текот на ноќта и денот. Во првиот удар била погодена станбена зграда, при што дел од објектот се урнал и под урнатините биле пронајдени жртви. Нападите продолжиле и додека траела спасувачката операција – повторно бил таргетиран истиот простор.
Регионалните власти потврдија дека бројот на жртви расте, додека десетици лица се хоспитализирани.
„Повеќе од 20 застрашувачки часа градот беше под постојан напад со ракети и дронови. Целта беа цивилни објекти“, изјави гувернерот.
Според Украински воздухопловни сили, во нападите биле лансирани 619 дронови и 47 ракети. Дел од нив биле пресретнати, но значителен број погодиле цели низ градот.
Нападите предизвикаа големи пожари, сериозни оштетувања на инфраструктурата и густ црн чад над градот. Локалните медиуми предупредија и на влошен квалитет на воздухот.
Владата на Украина ја обвини Москва за намерно таргетирање на цивилни области и продолжување на, како што велат, „теророт врз населението“.
Премиерката Јулија Свириденко истакна дека нападите се насочени кон критична инфраструктура и станбени згради.
Володимир Зеленски повика на итно засилување на противвоздушната одбрана и поголема поддршка од меѓународните партнери.
Паралелно, напади се регистрирани и во други региони, вклучително и Чернихив, каде има дополнителни жртви и повредени.
Ескалацијата на нападите од двете страни дополнително ја продлабочува кризата, додека цивилното население останува најпогодено.