16 години откако Томи Стефановски го преплива Ла Манш – токму на јубилејот на првиот Македонец што го направил тоа

Стефановски го преплива каналот за 7 часа, 42 минути и 32 секунди, на истиот датум кога, 50 години порано, првпат тоа го направил друг Македонец.

На 14 август 2009 година, македонскиот маратонски пливач Томи Стефановски го преплива Ла Манш, морскиот канал меѓу Франција и Велика Британија, широк околу 34 километри на најтесниот дел и често нарекуван „Монт Еверест на пливањето“.

Датумот не бил случаен избор. Токму на 14 август, 50 години порано, во 1959 година, Нико Нестор станал првиот Македонец што го препливал Ла Манш. Четириесет години по неговиот подвиг, во 1969 година, тоа го направила и Атина Бојаџи, првата Македонка со ваков успех.

Стефановски тргнал од Довер околу 6 часот наутро, откако неколку дена чекал одлука кога временските и морските услови ќе бидат доволно поволни за старт. Во водите на Ла Манш поминал 7 часа, 42 минути и 32 секунди. Во тоа време, неговиот резултат бил рангиран на 13. место на вечната листа на најбрзи препливувања на каналот.

Историјата на овој подвиг била започната уште во 1875 година, кога англискиот капетан Метју Веб станал првиот човек што успешно го препливал Ла Манш. За неговиот подвиг му биле потребни повеќе од 22 часа.

Трет Македонец, но не и последен

Со својот подвиг, Стефановски станал третиот Македонец што го препливал Ла Манш. Само една година подоцна, во 2010 година, листата се проширила со Игор Димовски, кој станал четвртиот Македонец со ваков успех.

Во 2025 година, пак, уште еден македонски маратонски пливач го повторил подвигот. Евгениј Поп Ацев, троен светски шампион во маратонско пливање, го препливал Ла Манш за 9 часа и 43 минути, станувајќи петтиот Македонец кому тоа му успеало.

Признание и наследство

По враќањето во Скопје, Стефановски бил свечено примен во тогашната Агенција за млади и спорт. Подоцна станал и првиот и единствен македонски спортист примен во Светската куќа на славните на маратонското пливање. И по завршувањето на активната спортска кариера, Стефановски продолжил да биде активен во пливањето. Во 2014 година, по победата на маратонот Капри–Неапол и освојувањето на светската титула во серијата на ФИНА, тој продолжил да го одбележува 14 август на поинаков начин.

Секоја година во Охрид организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“, посветен на подигање на свеста за вклучувањето на лицата со атипичен развој и лицата со инвалидитет во спортот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс