Архивот на јавни собири објави проценка според која околу 16.000 луѓе присуствувале на испраќањето на Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, чиј погреб се одржа вчера во Белград. Од Архивот објаснија дека бројката е добиена со броење на луѓето на видео-снимка направена во периодот од 11 до 14 часот, на мерна точка низ која поминувала поворката.
Поворката од Кошутњак до Топчидер
Младиќ беше погребан на Топчидерските гробишта во Белград, откако претходно во храмот „Свети апостол и евангелист Лука“ во Кошутњак беше одржан опел во 12 часот. По верскиот обред, поворката се упати пеш кон Топчидерските гробишта, каде што нешто по 15 часот беше извршен погребот.
На погребот присуствуваа повеќе српски министри, како и Данило Вучиќ, син на српскиот претседател Александар Вучиќ. Опелот го служеше српскиот патријарх Порфириј.
Младиќ почина во Хаг
Ратко Младиќ почина на 27 август во притворот на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг, каде што ја издржуваше доживотната затворска казна. Како командант на Војската на Република Српска, Младиќ беше правосилно осуден за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, како и за прогон и присилно преместување на Бошњаци и Хрвати во повеќе делови на Босна и Херцеговина.
Тој беше прогласен за виновен и за снајперско дејствување, гранатирање и тероризирање на цивилното население за време на опсадата на Сараево, како и за земање припадници на мировните сили на ОН како заложници во 1995 година.
Посмртните останки беа пренесени во Белград
Посмртните останки на Младиќ беа донесени во Белград на 3 септември и пренесени во Военомедицинската академија, откако семејството побара да биде извршена обдукција. Во саботата, во Домот на Војската на Србија во Белград, беше одржана комеморација на која присуствуваа претставници и функционери од Република Српска и Србија.