Search

15 млади поети ќе читаат на втората „Отскочна даска“ во рамките на Скопскиот поетски фестивал

Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #2“, преднастан на „Скопскиот поетски фестивал“. На конкурсот пристигнаа 54 пријави, а интерната жири-комисија составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот го направија изборот. Воедно, УО на фестивалот изрази задоволство од бројот на примените пријави, како и од квалитетот и талентот на кандидатите. Имињата на избраните се наведени по азбучен ред на презимето: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.

Настанот ќе се одржи на 24 септември од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го/ја одберат најдобриот/најдобрата меѓу нив, за тој/таа да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 27 септември, заедно со другите учесници во официјалната програма.

-Би сакале да им се заблагодариме на сите што ни пратија песни за прочит и да ги охрабриме да продолжат да пишуваат. Ќе ни биде драго ако присуствуваат на сите настани во рамки на фестивалот, а особено на работилницата за креативно пишување поезија што ќе ја одржи еден од најистакнатите современи малтешки писатели, универзитетскиот професор Имануел Мифсуд“ ‒ велат организаторите.

„Скопскиот поетски фестивал“, чиешто трето издание ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, е поддржан од Министерство за култура и од „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.

Најново

Последни колумни