Ако сте на одмор во Грција и на телефонот добиете предупредување од 112, придружено со силен аларм, не го исклучувајте автоматски и не претпоставувајте дека станува збор за обично известување.
Прочитајте ја целата порака и следете ја конкретната инструкција што ја испраќаат грчките власти, особено ако се бара евакуација од подрачјето во кое се наоѓате.
Халкидики во висок ризик од пожари
Предупредувањата од 112 се особено важни за македонските туристи кои периодов престојуваат во Грција.
Грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита за сабота, 15 август, прогласи многу висок ризик од пожари, категорија 4, во голем број области.
Меѓу нив се Халкидики и Света Гора, едни од најпосетуваните дестинации од македонските граѓани. Овие подрачја се ставени и во режим „Red Code“, што значи целосна мобилизација на механизмот за цивилна заштита.
Ризик од категорија 4 е прогласен и за Атика, делови од Пелопонез, западна и централна Грција, Спорадите, Северниот и Јужниот Егеј, Крит и повеќе области во Источна Македонија и Тракија.
Грчките власти предупредуваат дека многу силните и бурни ветрови ќе продолжат и на 15 август, а во делови од земјата се очекуваат удари од осум и девет бофори.
Што е предупредувањето од 112?
Бројот 112 е единствениот европски број за итни случаи, но во Грција системот има и дополнителна важна функција.
Преку него властите испраќаат предупредувања до луѓето кои се наоѓаат во подрачје зафатено или загрозено од опасност.
На паметните телефони предупредувањето најчесто пристигнува преку системот Cell Broadcast и се појавува директно на екранот, придружено со специфичен и гласен аларм.
Целта е информацијата веднаш да биде забележана и да не се губи време кога се потребни мерки за самозаштита. Грчката цивилна заштита советува приемот на ваквите известувања да не се исклучува.
Секоја порака не значи евакуација
Важно е да се направи разлика: секоја порака од 112 не е автоматски наредба за евакуација.
Пораката може да предупредува дека постои опасност и да бара зголемено внимание. Но може и конкретно да нареди организирано напуштање на одредено место и да наведе во која насока треба да се движат граѓаните.
Ако во пораката пишува дека треба да се евакуирате, најважно е да ја следите насоката што ја дале властите.
Не тргнувајте по пат што вам ви изгледа пократок и не обидувајте се самостојно да се приближувате до подрачјето од кое доаѓа чадот за да проверите што се случува.
Не избирајте сопствена рута
Официјалните упатства на грчката цивилна заштита се јасни: кога е наредено организирано преместување на населението, треба строго да се следат инструкциите и маршрутите определени од надлежните служби.
Во услови на пожар, ситуацијата на патиштата може брзо да се менува. Рутата што ја одредуваат властите е дел од организираната операција за евакуација.
Колку е важна организираната евакуација покажа и пожарот во Касандра на Халкидики, каде, според грчките власти, биле безбедно евакуирани 446 лица со учество на полицијата, крајбрежната служба, противпожарните сили и пловила.
Што да земете ако мора веднаш да заминете?
При наредба за итна евакуација, приоритетот не е багажот, туку безбедното напуштање на подрачјето.
Ако неопходните предмети ви се при рака и нивното земање нема да го одложи заминувањето, понесете лични документи и пасоши, редовна терапија и неопходни лекови, мобилен телефон и полнач или преносна батерија, вода и најосновни работи за деца, повозрасни лица или лица со посебни потреби.
Препораките за подготвеност вклучуваат и основен комплет за прва помош, батериска ламба и резервни батерии.
Но ако пожарот е блиску или властите бараат итно заминување, не губете време во пакување и не враќајте се по куфери и други предмети откако веќе сте го напуштиле објектот.
Ако гледате пожар, јавете се веднаш
Во Грција, 112 функционира 24 часа дневно и повикот е бесплатен.
Бројот може да се повика од мобилен телефон и без СИМ-картичка, а операторите комуницираат на грчки, англиски и француски јазик.
При повик треба да кажете што се случило и каде точно се наоѓате. Современите мобилни телефони можат да испратат и податоци за локацијата до службата за итни случаи.
Грчката цивилна заштита посебно наведува дека ако забележите шумски пожар, треба веднаш да ја известите Противпожарната служба на бројот 199, со што е можно попрецизна информација за местото, правецот на пожарот и видот на вегетацијата што гори.
Каде да проверите дали пораката е вистинска?
Ако алармот помине брзо или случајно ја затворите пораката, на многу паметни телефони постои историја на итни предупредувања.
Грчката цивилна заштита наведува дека сите емитувани предупредувања од 112 се објавуваат и преку официјалните профили на системот 112 на Facebook и X.
За туристите е важно информациите да ги проверуваат преку грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита, системот 112, Противпожарната служба и локалните власти, а не само преку објави на социјалните мрежи или информации од други туристи.
За 15 август ваквата претпазливост е особено важна на Халкидики. Официјалната проценка е категорија 4, односно многу висок ризик.
Тоа не значи дека пожар мора да избувне, туку дека условите се такви што евентуален пожар може да бара брза реакција и од службите и од луѓето кои се наоѓаат во загрозеното подрачје.