10 монодрами на 26. издание на Интернационалниот фестивал во Битола

Десет монодрами од 9 држави ќе бидат изведени на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама што ќе се одржи од утре до 23 мај во Битола. Под мотото „Еден збор – еден свет“, во официјалната програма ќе бидат прикажани претстави од Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и од Бугарија.

Според селекторот, Благој Мицевски, интересот за учество на фестивалот расте. Годинава се пријавиле околу 50 продукции.

– Претставите се жанровски разновидни, од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажување преку еден лик – вели Мицевски.

На отворањето ќе биде изведена „Д (Како Дездемона)“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а на затворањето публиката ќе ја проследи „Куфер.мк“, монодрама на актерката Соња Михајлова, која годинава е добитничка на наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински“. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар во Битола, додека останатите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура.

За наградите ќе одлучува жирито во состав: Рисима Рисимкин од Македонија, Емре Ердем од Турција и Лаша Чхартишвили од Грузија. Ќе бидат доделени наградите за Гран-при, најдобар актер и најдобра режија.

Во рамките на фестивалот е предвидена и богата оф-програма, статуи на Широк сокак, драмска работилница за деца и млади, театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд, промоција на монографијата „1/4 век Интернационален фестивал на монодрама – Битола“, панел-дискусии и др.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни