Европа можеби не е првата асоцијација кога се зборува за есенски пејзажи, но континентот има огромна предност: сезоната на шарените лисја не се случува насекаде во исто време. Од алпските планини и длабоките долини до огромните шуми и лозјата, есенските бои постепено се спуштаат од повисоките кон пониските предели. Тоа значи дека наместо да се обидувате да го погодите само еден совршен викенд, можете да го следите есенскиот спектакл низ различни делови на Европа.
Еве десет места каде есента особено вреди да се доживее.
Блед, Словенија
Езерото Блед е една од најпрепознатливите природни атракции во Словенија, а есента му дава сосема поинаков изглед. Околу езерото шумите се обојуваат во жолта, портокалова и црвена, додека водата создава впечатлив контраст со пејзажот. По летната гужва, есента е и многу помирен период за посета.
Езерото може да се обиколи пеш за околу час и половина, а за оние што сакаат поинакво доживување, достапни се и чамци со весла.
Баварските Алпи, Германија
Баварските Алпи се спектакуларни во секое годишно време, но есента овде има една посебна предност – боите се менуваат постепено во зависност од надморската височина. На повисоките делови, промената започнува уште во септември, додека пониските долини можат да останат во црвени и портокалови тонови и во ноември.
Еден од најпознатите симболи на регионот е замокот Нојшванштајн, а градот Фисен е добра база за истражување на планинските патеки.
Лејк Дистрикт, Англија
Езерскиот регион во северозападна Англија со векови ги инспирирал уметниците и писателите. Во есен, пејзажот станува особено импресивен. Батермер е едно од местата што вреди да се посети рано наутро, кога мирната површина на езерото често ги одразува околните ридови и шумите.
Констон Вотер е уште една одлична опција, со шумски патеки, планински пејзажи и комбинација од зимзелени и листопадни дрвја.
Трансилванија, Романија
Трансилванија не е само земја на приказните за вампири. Кога ќе пристигне есента, Карпатите се претвораат во огромна палета од црвени, златни и портокалови нијанси. Посетата на замокот Бран, познат и како замокот на Дракула, може да се комбинира со прошетки низ планините. Различната надморска височина овозможува боите да се појавуваат постепено, па есенскиот период трае подолго. За престој, Брашов е практична база, особено по ден поминат во планина.
Пертшир, Шкотска
Ако постои европска земја која речиси природно се поврзува со есента, тоа е Шкотска. Во Пертшир се среќаваат пределите на Висорамнината и Низината, а пејзажите во есен се особено впечатливи.
Тука се наоѓа и Миклурскиот буков жив плет, познат како највисок жив плет во светот, кој во есен добива интензивни црвени и портокалови нијанси. Вреди да се посети и Хермитиџ, шумски предел со водопади и остатоци од историски градби. За семејствата, дополнителна атракција е Фестивалот „Волшебна шума“ во Питлокри, кој од почетокот на октомври до почетокот на ноември ги комбинира светлината, музиката и есенската шума.
Доломити, Италија
Доломитите се една од најпопуларните планинарски дестинации во Европа, но есента открива нивна поинаква страна. Особено впечатливи се аришите, кои од октомври добиваат златножолта боја, пред снежните врнежи да ја променат сликата во ноември. Есенското сонце создава долги сенки врз карпестите врвови, а топлите тонови на вегетацијата создаваат драматичен контраст со планинскиот пејзаж.
Езерата Сорапис и Брајес се меѓу местата каде есенските бои особено убаво се одразуваат во водата.
Долината на Лоара, Франција
Француската долина на Лоара е позната по своите замоци и вино, но есента е одличен период за да се види нејзиниот лозарски пејзаж. Лозјата постепено преминуваат во црвени, портокалови и виолетови нијанси, создавајќи впечатлив амбиент околу историските дворци.
Посебно привлечен е замокот Шомон-сир-Лоар, чии градини во есен се украсуваат со тикви и други сезонски елементи.
Лапонија, Финска
За многумина Лапонија е синоним за зима, снег и Божиќ, но северниот дел на Финска има што да понуди и пред да пристигне зимата. Рованиеми и околните предели во есен се исполнети со интензивни бои, додека ноќите нудат уште една причина за посета северната светлина.
Во мирните езера понекогаш може да се види и одразот на поларната светлина, опкружен со есенската вегетација. Сепак, треба да се има предвид дека температурите можат да паднат под нулата, па топлата облека е неопходна иако зимата сè уште не пристигнала.
Долината Дуро, Португалија
Есенските пејзажи не мора секогаш да значат густи шуми. Во португалската долина Дуро, главната улога ја имаат лозјата. По бербата, терасестите лозови насади постепено се претвораат во црвени, портокалови и жолти површини, создавајќи спектакуларен пејзаж долж реката.
Благата клима овозможува есенските бои да се задржат и во ноември. Посетителите можат да престојуваат во Порто и да организираат еднодневни излети или да изберат престој во локална квинта – традиционален вински имот. Особено впечатливо е патувањето со брод по реката Дуро, од каде терасите се гледаат во целата нивна должина.
Плитвички Езера, Хрватска
Хрватска најчесто се поврзува со летното море, но во внатрешноста на земјата се наоѓа еден од најубавите европски есенски пејзажи. Националниот парк Плитвички Езера има 16 езера поврзани со водопади, опкружени со густи букови и дабови шуми.
Кога ќе пристигне есента, зеленилото се претвора во жолти, портокалови и црвени нијанси, додека тиркизната вода создава силен контраст. Бидејќи езерата се наоѓаат на различни надморски височини, есенските бои не се појавуваат истовремено насекаде. Тоа ја продолжува сезоната и овозможува различни делови од паркот да изгледаат поинаку во текот на неколку недели.
Крајот на октомври и почетокот на ноември се особено интересни за оние што сакаат да ја избегнат летната гужва и да го доживеат паркот во поспокојна атмосфера.