Елена Чемерска: „Руини“ е филм за она што останува, но и за она што може повторно да се создаде

Во разговорот за „Руини“, нејзиниот долгометражен документарен филм за реставрацијата на „Споменикот на слободата“ во Кочани, Чемерска зборува за наследството на татко ѝ Глигор, личната и колективната меморија, уметноста како простор за преиспитување и потребата културата да има вистинска институционална поддршка.

Понекогаш руината не е само остаток од нешто што исчезнало. Таа може да биде место од кое повторно се читаат времето, луѓето, односите и идеите што некогаш го обликувале светот. Токму од таа повеќеслојност тргнува Елена Чемерска во „Руини“, нејзиниот долгометражен документарен филм во чиј центар е реставрацијата на „Споменикот на слободата“ во Кочани, монументалното дело на нејзиниот татко, Глигор Чемерски, и архитектот Радован Раѓеновиќ.

Но, филмот не останува само приказна за еден споменик. Процесот на неговата обнова постепено се претвора во патување низ личната загуба, семејното наследство и колективната меморија. Архивските снимки, материјалните траги и сегашноста на споменикот се преплетуваат во прашање што е многу пошироко од неговата физичка состојба: што останува од она што сме го наследиле и што можеме повторно да создадеме од него?

По македонската премиера на „Руини“ на „МакеДокс“, каде филмот беше прикажан пред полна сала, со Елена Чемерска разговараме токму за тие прашања, за тоа како личното наследство може да стане уметничко истражување, за односот меѓу убавината и тешките теми, за моќта на уметноста да влијае врз начинот на кој паметиме, но и за состојбата на современата македонска уметничка сцена. Во овој разговор, Чемерска не го затвора „Руини“ во едно значење. Напротив, остава простор гледачот во него да ги препознае сопствените „руини“ – лични, семејни, културни и општествени и да се запраша што се случува со нив кога ќе престанеме да ги гледаме само како остатоци од минатото.

Трн: Што се всушност „Руините“ во твојот филм, споменикот, сеќавањето, односите меѓу луѓето или нешто многу пошироко?

Елена: Причината зошто „Руини“ стана наслов на овој филм е токму таа отвореност на терминот, неговата повеќесмисленост. Самиот филм, мислам, се занимава со концептот на руината во една поширока смисла – не само како физичка состојба на некој изграден објект, туку и како состојба низ која минуваат луѓето, идеите и сликите за светот што ги создаваме. За мене, руина не е само нешто што останало од нешто што било, туку место од кое можат да се прочитаат слоеви на различни времиња, односи и начини на гледање. Во таа смисла, не зборуваме само за крај, туку и за еден момент во состојба на трансформација. Само затоа што нештото повеќе не е она што било, не значи дека престанува да произведува значење.

Тоа многу јасно го почувствувавме и во работата со архивите што ги користевме во филмот. Самите носачи на тој материјал поминале низ некое време и претрпеле физичка траума. Резултатот е слика која на некој начин се распаѓа. Но токму тој знак на физичката минливост на нештата како да ја засилува желбата да се поистоветиме со времето запишано на лентата. Ранливоста не му ја намалува вредноста на некој начин го прави поскапоцен. Самиот чин на бидување со тој материјал, неговото гледање и обидот да се зачува, стануваат дел од неговото значење.

Во тој смисол, споменикот е конкретното место од кое тргнува филмот, но темата многу брзо се проширува надвор од него. Што се случува со значењата што ги продуцираме и на кои им придаваме важност, кога времето, луѓето и општествата што ги создале или им дале значење ќе се променат? Што останува со нас и во нас, во просторот, во односите меѓу луѓето? И што можеме повторно да произведеме од она што останало? Како тоа што го создаваме произлегува, или не произлегува, од она што сме го наследиле? Нешто што на прв поглед изгледа како остаток, истовремено може да биде многу живо.

Уметноста не треба да ни каже што да паметиме, туку да отвори простор за ново значење

Трн: Во центарот на филмот е делото на твојот татко, Глигор Чемерски. Колку е тешко, а колку ослободувачки, кога личното семејно наследство ќе стане предмет на сопственото уметничко истражување? И дали овој филм повеќе го направи за да го зачуваш сеќавањето на твојот татко или за да се ослободиш од дел од тоа наследство?

Елена: Потребата да го направам овој филм не произлезе од желбата да создадам простор за чување на сеќавањето на моето семејство нешто друго беше во прашање. Мислам дека околностите беа такви што некои далеку пошироки теми на бидување жив, тука на планетава, со чувства, желби и потреба за комуникација, за мене се симнаа на еден микро план се сконцентрираа, се преплетоа и оживеаја како проживеано искуство во семејството.

Споменикот на слободата во тој момент се појави пред мене како подарок и пријател носач на едно значење кое е доволно макро за да не биде важно само за мене. Истовремено, она што ми требаше за лично да совладам некои чувства, веројатно едни од посериозните предизвици со кои се соочуваме како луѓе на емотивен план, не можев да не го третирам како дел од емотивната и уметничката приказна на филмот. Темата ме опседна. Ми требаше да им дадам слика на тие чувства. Во животот понекогаш чувствата поминуваат низ нас и се премногу силни, па ние сурфаме по нивната површина. Постојат места и искуства што не ги освестуваме или од кои бегаме, просто затоа што болат.

Кога човек ќе реши сопствената емотивна структура да стане структурата на едно дело во овој случај филм – брзо сфаќа дека и оние нешта во кои не сакаме да навлегуваме треба да бидат одредени, дури и ако само кажеме: „таму не се оди“. На тој начин му се дава рамка на едно проживеано искуство, а со тоа и можност за негово интелектуално и емотивно разбирање.

Затоа не би рекла дека филмот го направив само за да го зачувам сеќавањето на татко ми, ниту пак само за да се ослободам од дел од тоа наследство. Повеќе ми се чини дека ми требаше начин тоа наследство да влезе во еден жив процес на преиспитување, соочување и повторно создавање. Затоа што, конечно, зборуваме за уметничко дело, а уметничките дела, меѓу другото, и постојат за тоа.

Трн: Дали „Руини“ е филм за еден споменик или филм за сите наши „руини“ – лични, семејни, културни и општествени?

Ова го начнавме и во првото прашање. Јас би оставила на гледачите самите, во себе, да го почувствуваат одговорот на ова прашање. Не би сакала филмот да го затворам во едно значење, ниту да му го предодредам начинот на кој треба да биде прочитан.

Помеѓу споменикот, сеќавањето и новото создавање

Трн: Што е следно? Дали „Руини“ е почеток на твојата филмска приказна или засега, една завршена лична приказна?

Елена: Независно од личното значење и влог во „Руини“, правењето на овој филм како процес ми отвори огромна среќа, предизвик и возбуда на креативен план. Научив премногу од луѓето со кои работев и пресреќна сум што успеавме да се избориме за условите да можеме да работиме заедно. Соработките не ми се страни, и повторно ми се покажа што се случува кога една идеја влегува во процес на колективно создавање, каде различни сензибилитети се спојуваат за да се нахранат меѓусебно и да направат нешто добро. Стварно мислам дека не постои поголема радост од онаа кога тоа ќе проработи.

Во таа смисла, „Руини“ ми го зголеми апетитот и ме охрабри посигурно да посегнувам по можностите за нови создавања и соработки со луѓе со чии сензибилитети се препознаваме, затоа што вредноста што произлегува од овие процеси за секој автор е непроценлива. Многу сум благодарна за овој процес и за тоа како самата созреав низ него.

Трн: Како беше примен филмот од македонската публика на проекциите на МакеДокс и во Кочани?

Елена: Искуството со македонската публика за мене беше прекрасно. Мислам дека, кога не би била претпазлива што посакувам, би посакала филмот да помине токму така како што помина. Она што најмногу ме допре беше тоа што со денови потоа разговарав со различни луѓе и многу од нив споделуваа некое свое интимно искуство кое, соочено со филмот, повторно оживеало пред нив. Тоа ми беше можеби најголемата потврда дека филмот успеал да излезе од мојата лична приказна и да стане некаков простор во кој и други луѓе можат да ги препознаат своите нешта.

За тоа сум многу благодарна и смирена. За мене, тоа е еден од највредните делови од целото искуство со „Руини“.

Трн: Ако го тргнеме „Руини“ настрана, како би ја опишале Елена Чемерска како уметница денес, што е она што најмногу те преокупира?

Елена: Немам еден одговор на ова прашање. Светот е огромно место во кое се случуваат небројано многу нешта, а ние сме дел од сето тоа и постојано се обидуваме да разбереме што се случува и што нам ни се случува. Тоа ми е фасцинантно.

Доаѓаме на светот во кој веќе постои некаква структура – општество, јазик, системи преку кои светот е веќе именуван и конципиран пред ние да почнеме да го разбираме. Влегуваме во тие структури, ги учиме, ги интернализираме и преку нив се обидуваме да ги разбереме појавите околу нас, да се заштитиме и да создадеме некое безбедно место од кое можеме да оперираме. Но и во тие структури што ги наследуваме постојат огромни дупки и слепи точки, постојат нашите фини можности, но и насилство и темна страна. Ме интересира токму тој простор – што не се гледа на прв поглед, што го носиме во себе без да сме го избрале, но и што можеме да направиме со тие структури кога еднаш ќе станеме свесни за нив.

Постои огромна продукција и фантастични дела кои ни даваат некаква база од која ги читаме нашите денешни околности и одговараме на нив. Мојата работа често почнува од нешто многу конкретно – некое место, средина, предмет, слика, човечки продуциран материјал или лична средба. Нештата кои веќе постојат и со кои се среќаваме ме интересираат како живи структури низ кои свеста и меморијата продолжуваат да се создаваат, да се преиспитуваат и да се трансформираат. Нештата не остануваат исти во моментот кога им пристапуваме и во нив го внесуваме нашиот субјективитет, самото наше присуство станува дел од нивната понатамошна историја.

Работам низ различни медиуми, сликарство, подвижни слики, цртеж, скулптура и инсталација. Интересен ми е просторот меѓу документарното и конструираното, меѓу она што може да се набљудува и она што може само да се замисли. Ме интересира што се случува во просторот меѓу нив, кога различни времиња и перспективи почнуваат да се преклопуваат, без нужно да се спојат во една приказна.

Трн: Колку за тебе е важно уметничкото дело да биде „убаво“, а колку да отвора непријатни или тешки прашања?

Елена: Мислам дека секое дело кога е дело има свој инхерентен квалитет и своја причина поради која постои. Не мислам дека постојат тврди, универзални мерила според кои можеме сите дела да ги вреднуваме на ист начин, иако верувам дека постои некаков праг на она што го прави едно дело навистина дело.

За мене тоа е некаква инхерентна вистина, нешто што не ја имитира реалноста, туку создава сопствена реалност, сопствен систем во кој нештата функционираат, се поврзуваат и стануваат живи и читливи. Кога тоа ќе се случи, делото почнува да постои со некоја своја нужност, независно од тоа дали она со што се занимава е убаво, пријатно, тешко или непријатно. Убавината сама по себе не ми е навредлива, ниту ја гледам како спротивност на тешките прашања. Напротив, некогаш убавината произлегува од третманот на темата, и тогаш и тешките нешта во содржината стануваат совладливи. Има различни теории за ова за можноста и неможноста на репрезентацијата, и каде таа наидува на ѕид – односно каде некои ужасни теми стануваат толку големи што нашата моќ да ги претставиме потклекнува. Во секој случај, ако очекуваме каков било развој или еманципација, мора да бидеме подготвени да ги поставуваме и оние прашања што ни се непријатни, што нè поместуваат или ни ја нарушуваат сигурната слика за нештата.

Меѓутоа, кога убавината и тешките прашања ќе се сретнат во онаа ранливост што е карактеристична за нешто што навистина нè прави луѓе, тогаш мислам дека сме многу блиску до еден од можните рецепти за квалитетно дело. Иако, повторно, „рецептот“ драстично се менува во зависност од темата, медиумот, пристапот, начинот на кој авторот му пристапува на материјалот, контекстот во кој делото се создава и, секако, контекстот во кој тоа подоцна се чита.

На крајот, можеби најважно ми е делото да има доволно сопствен живот за да не заврши со одговорот што го дава авторот. Да отвори простор во кој и гледачот може да влезе, да препознае нешто свое или да види нешто од друга перспектива. Тогаш, без разлика дали делото е убаво или непријатно, мислам дека навистина почнува да живее.

Ентузијазмот не може да биде инфраструктурата врз која ќе опстојува една цела културна сцена

Трн: Твојата работа често го преиспитува начинот на кој ја паметиме историјата. Може ли уметноста навистина да ја промени колективната меморија?

Елена: Кога постојат уметнички дела – било да се слики, музика, книги или споменици – тие создаваат значење. Ние сме семантички суштества и мислам дека во голем дел од животот се занимаваме токму со можноста да им дадеме значење на нашите животи и на она што ни се случува.

Меморијата е жива работа. Таа може да собере чудесно многу и може да се менува на најчудни начини. Кога зборуваме за колективна меморија, не можеме да ја заобиколиме и институционалната димензија на историјата како општествен проект. Историјата ја пишуваат победниците, се вели, и во таа смисла зборуваме за нешто што претендира да биде објективно, наспроти меморијата, чија најголема сила секогаш ќе биде во нејзината субјективност.

Не знам дали тоа значи дека уметноста може едноставно да ја „промени“ колективната меморија. Но мислам дека таа постојано учествува во неа. Секое дело што создава ново значење, отвора поинаква перспектива или овозможува нешто што било потиснато повторно да биде видено, на некој начин интервенира во начинот на кој паметиме. Мислам дека може да влијае врз условите во кои таа се создава и повторно се чита – да извлече нешто од заборав, да постави ново прашање, да помести некоја перспектива или едноставно да ни овозможи повторно да погледнеме нешто што мислевме дека веќе го знаеме. И мислам дека токму во тоа е нејзината сила, не нужно да ни каже што треба да паметиме, туку да отвори простор во кој она што го наследуваме може повторно да се види, да се преиспита и да добие ново значење.

Трн: Што мислиш дека ѝ недостига на македонската современа уметничка сцена денес – простор, институционална поддршка, публика, критика или нешто друго?

Елена: Мислам дека додека постојат луѓе, ќе постојат и потенцијални публики. Не мислам дека проблемот е во тоа што нема интерес за уметноста, туку во тоа што ни недостига колективен однос кон важноста на постоењето на сериозна културна продукција и уметност.

Уметноста не е нешто што постои мимо општеството. Таа е суштински дел од него дел од внатрешноста на секој еден субјект што го сочинува тоа општество. Не знам колку пати ова треба да се повтори за да престане да звучи како аргумент што мора постојано да го браниме. Тоа што го нарекувам колективен однос наједноставно се манифестира преку институционалната поддршка, односно преку нејзиното отсуство. Потребно е да постои став дека културните работници мора да можат да опстојат и достоинствено да си ја вршат работата.

И отсуството на критика е дел од истиот проблем. Кога културната продукција во голема мера се потпира на мускулите на поединци, луѓето се снаоѓаат како знаат и умеат, а цела една сфера опстојува на ентузијазмот, љубовта, пријателствата и приватните жртви на поединци кои решиле нешто да направат. Тоа не е одржлив систем.

Мислам дека не треба да се помируваме со идејата дека уметноста може да постои само благодарение на тоа што некој е доволно ентузијастичен за да работи без услови, без сигурност и често без соодветна поддршка. Ентузијазмот може да биде почеток на нешто, но не може да биде инфраструктурата врз која една цела културна сцена ќе опстојува.

Ако сакаме да се претставуваме како современа држава која има сопствен културен и суверен идентитет, тогаш мора да постои и сериозен колективен однос кон луѓето што тој идентитет го создаваат, го преиспитуваат и одново го замислуваат. На крајот, прашањето не е само што ѝ недостига на уметничката сцена, туку какво место сме подготвени да ѝ дадеме во општеството што сакаме да го нарекуваме свое.

е-Трн да боцка во твојот инбокс