На 12 септември 1959 година, од космодромот Бајконур била лансирана советската сонда „Луна 2“. По патување од околу 34 часа, на 13 септември таа се судрила со површината на Месечината, станувајќи првото човечки изработено летало што допрело до друго небесно тело. Местото на ударот се наоѓало во близина на Морето на дождовите, на околу 260 километри од местото каде што 12 години подоцна слетала мисијата „Аполо 15“.
Три неуспеси пред успехот
Патот до „Луна 2“ бил поплочен со неуспеси. Првите три советски обиди да се стигне до Месечината, во 1958 година, завршиле со неуспешни лансирања поради различни дефекти и аномалии на ракетата Р-7. Една од ракетите експлодирала веднаш по лансирањето на 23 септември 1958 година.
Главниот конструктор на советската вселенска програма, Сергеј Корољов, бил под постојан политички притисок да ги престигне Американците во вселенската трка. По серијата неуспеси, тој наводно избувнал со зборовите: „Мислите дека само американските ракети експлодираат?!“
„Луна 1“ ја промашила Месечината
На 2 јануари 1959 година, Советскиот Сојуз ја лансирал сондата подоцна наречена „Луна 1“, првиот делумен успех во програмата. Поради тоа што горната фаза на ракетата работела подолго од планираното, сондата ја промашила Месечината за околу 6.000 километри и продолжила во орбита околу Сонцето. Со тоа станала првото летало што влегло во хелиоцентрична орбита.
Откако конечно била успешно лансирана на 12 септември, „Луна 2“ на растојание од околу 156.000 километри од Земјата испуштила еден килограм натриумов гас, создавајќи вештачки облак што можел да се набљудува од Земјата и да помогне во следењето на нејзината траекторија. Сличен експеримент бил изведен и со „Луна 1“.
Сондата не открила магнетно поле ниту радијациски појаси околу Месечината, но ги потврдила претходните наоди на „Луна 1“ за постоењето на сончевиот ветер.
Советски симболи на површината на Месечината
Пред ударот, сондата носела две метални сферични капсули со советски амблеми и натпис „СССР, септември 1959“. При ударот тие биле ослободени, оставајќи ги симболите на Советскиот Сојуз на површината на Месечината. „Луна 2“ така не била само научен успех туку и силен пропаганден симбол во вселенската трка
Времето на успехот не можело да биде подобро за советското раководство. Само два дена по ударот, на 15 септември 1959 година, советскиот премиер Никита Хрушчов пристигнал во Вашингтон на својата единствена посета на САД. Таму на американскиот претседател Двајт Ајзенхауер му подарил реплика на сферичниот советски симбол што го носела „Луна 2“. Успехот претставувал значајна пропагандна победа за Советскиот Сојуз во разгорената вселенска трка на Студената војна, само две години по лансирањето на „Спутник“.
Близу до местото каде што подоцна слетал „Аполо 15“
Местото на ударот на „Луна 2“ се наоѓа на околу 260 километри од местото каде што, дванаесет години подоцна, во 1971 година, слетала мисијата „Аполо 15“ со астронаутите Дејвид Скот и Џејмс Ирвин. Советската програма ќе постигне меко слетување на Месечината дури во 1966 година, со „Луна 9“. Таа станала првото летало што успешно преживеало слетување на површината на Месечината и испратило податоци и фотографии од неа.