Нова експлозија во магацин за оружје во Бугарија

Надлежните институции не соопштија дали станува збор за несреќа, технички дефект, човечка грешка или намерно предизвикан инцидент

Силна експлозија во текот на ноќта одекна во магацински комплекс за муниција во централна Бугарија, по што избувна пожар што се ширел од еден магацин кон друг. Според првичните информации, нема загинати или повредени.

Инцидентот се случил во близина на селото Царева Ливада, во пошироката област на градот Трјавна. На местото биле испратени противпожарни, полициски и специјализирани тимови.

Објектот, според бугарските медиуми, го користи компанијата за производство и трговија со оружје „ЕМКО“, во сопственост на бизнисменот Емилијан Гебрев.

Причината за експлозијата не е позната. Надлежните институции не соопштија дали станува збор за несреќа, технички дефект, човечка грешка или намерно предизвикан инцидент.

Ова е втор сериозен настан во објект поврзан со „ЕМКО“ во последните неколку недели. На 10 август пожар во камион се прошири кон магацин со муниција во фабрика кај селото Белица, предизвикувајќи повеќе експлозии и превентивна евакуација на околу 300 лица.

И во тој случај немаше жртви, но низ околината беа расфрлани неексплодирани боеви средства. Бугарската армија неодамна го заврши расчистувањето на теренот, каде што биле пронајдени десетици парчиња неексплодирана муниција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс