Search

Јануари, најдолгиот месец во годината

На самиот старт од новата година и јануари, месецот кој трае „2 месеци“, ви пишувам за да ве потсетам да бидете добри и фини кон себе. Сега, кога поголемиот дел од славање и новогодишни журки е зад вас, многу е нормално за момент да се осетите малку долу кога станува збор за вашето расположение и мотивација. Работите полека стивнуваат и за многу голем дел од луѓето ова е месец кога притисокот и анксиозноста растат. Не ме сфаќајте погрешно, не сум психолог, ова не е колумна со професионален совет туку зборувам од лично искуство.

Сите новогодишни резолуции кои ги ставив на листа и кои планирам да ги направам во 2024 доаѓаат на ум, а јас искрено се уште нема започнато ништо од тоа. Дури ни мојата диета не е започната. Па си помислив дека не може јас да сум единствената што се чувствува вака на самиот старт од годината. Затоа ајде заедно да се потсетиме себеси дека мора да бидеме многу подобри и пофини со себе. Да не дозволиме да го изгубиме фокусот на големата слика, само затоа што првите неколку недели одат многу побавно и можеби не баш како што сме испланирале во нашата глава.

Не се форсирајте и најважното од се, дозволете му на вашето тело и ум да ви го покажат идеалното темпо за вас. Не споредувајте се со другите околу вас, затоа што сите сме различни. Некој ќе направат промени и ќе останат доследни на своите новогодишни резолуции уште од ден први, додека на останатите можеби ќе ни треба недела или месец повеќе. Како што си повторувам на себе секој ден исто ќе ви повторам и вам. Секој ден можете да почнете од почеток. Секој ден можете да смените нешто и прекумерно размислување не е решението.

Не го губете сонот во премногу размислување, најдете една работа која во овој период ќе ве врати полека во рутина и почнете од таму. Не знам за вас, но јас сум човек кој му треба одмор од целиот овој празничен период. За мене во јанури најмногу функционира седење повеќе дома, читање и гледање на добри филмови. Помалку луѓе и помалку гужва се мојот начин да се вратам во нормала. Но тоа сум јас, а нели рековме сите сме различни, затоа послушајте се себеси и дајте си го тоа што ви треба.

Не заборавајте дека имате уште 11ипол месеци да стигнете до тоа што сте го зацртале во вашата глава за 2024та и нема потреба од правење притисоци на самите себе. Има работи кои се во ваша контрола и оние кои не се. Нормално е дека треба да се фокусираме на првите. За се останато доволно е само отворен ум, силна волја и верба во себе. Нека звучи како клише но, она што е твое, секогаш си доаѓа кога му е време.

Ако погледнеме во психологијата зошто јануари ни се чини толку долг и „напорен месец“ како причини се појавуваат брзото темпо на декември кое веќе по 31ви драстично опаѓа и фактот дека забораваме оти ова е само стартот. Плановите кои ги имаме се за цела година и веројатно ќе ни треба толку за да ги реализираме. Затоа пред да се нападнете себеси дека сеуште не сте почнале да намалувате тежина, да вежбате, да спиете доволно, да штедите и така натаму… сетете се дека имате цела година пред вас да го направите тоа. Не е важно кога, важно е да го направите!

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни