Звуци од клима-уредот кои предупредуваат на сериозен дефект

Необичните звуци од внатрешната или надворешната единица се прв показател за дефект што бара брза реакција и сервис.

Во текот на летните месеци, кога клима-уредот работи под зголемено оптоварување, појавата на чудни звуци често е првиот знак за дефект. Иако корисниците ги игнорираат овие сигнали или ги препишуваат на староста на уредот, експертите предупредуваат дека занемарувањето води до сериозни оштетувања и скапи поправки.

Изненадното и гласно лупање или метално звецкање од клима-уредот најчесто укажува на олабавена компонента. Поради постојаните вибрации при работа, завртките што ги држат моторот, вентилаторот или куќиштето може да се олабават, со што деловите почнуваат да удираат еден во друг.

Исто така, причината може да биде и надворешна, гранчиња или лисја влезени во надворешната единица ја попречуваат ротацијата на вентилаторот. Оштетена или скршена лопатка создава ритмичко лупање при секој вртеж, додека подлабокото тропање може да биде знак за дефект на компресорот. Доколку уредот продолжи да работи во ваква состојба, може да дојде до оштетување на другите исправни делови.

Пиштењето или високиот тон на при работи вообичаено се поврзани со моторот и неговите подвижни делови. Најчеста причина се истрошени лежишта на моторот на вентилаторот на кои им е потребно подмачкување или замена. Кај постарите модели каде вентилаторот користи ремен, овој звук е знак дека ременот е олабавен или оштетен, што може да доведе до негово пукање и прекин на ладењето.

Звукот на шиштење или испуштање воздух, од друга страна, има две различни причини. „Побезболна“ е зачепен филтер за воздух. Кога прашината го блокира протокот на воздух, се создава висок притисок во системот кој испушта таков звук. Доколку шиштењето продолжи и по чистењето на филтерот, станува збор за истекување на фреон.

Додека тивкото брмчење е нормално, интензивното и гласно зуење од климата е знак за електричен дефект. Ова најчесто се случува кога е расипан кондензаторот на моторот во надворешната единица, па вентилаторот не може да стартува. Во ваква ситуација, уредот треба веднаш да се исклучи од струја за да се избегне ризик од дополнителна штета или пожар.

Клокотењето во внатрешната единица е поврзано со системот за одвод на кондензат. Доколку одводната цевка се зачепи со нечистотија или мувла, водата почнува да се таложи во садот и го создава тој звук. Покрај тоа, зачестеното или непрекинато кликање за време на работата укажува на проблем со електронскиот термостат кој го контролира системот.

При појава на кој било од овие звуци, препораката е уредот веднаш да се исклучи и да се повика овластен сервисер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс